Избори во Белград, за 110 советници во трката 24 листи

Во српската престолнина Белград во неделата се одржуваат локални избори, а избирачките места беа отворени во седум часот на подрачјето на 17-те градски општини во коишто ќе се избираат вкупно 110 советници за советот на градот.

На 1.185 избирачки меса право на глас имаат 1,6 милиони граѓани кои ќе се определат за една од 24-те изборни листи, а предизборните анкети покажуваат дека предност има владејачката Српска напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ. Според испитувањата на јавното мнение, се проценува дека одѕивот на гласачите ќе се движи меѓу 51 и 57 отсто, па на избирачките места кои се затвораат ноќва во 20 часот, се очекуваат меѓу 810.000 и 910.000 луѓе.

Анкетите предвидуваат дека листата „Алексадар Вучиќ – затоа што го сакаме Белград“ може да освои од 41,2 до 47 отсто од гласовите, следи листата „Драган Ѓилас – Белград одлучува, луѓето победуваат“, на поранешниот градоначалник на Белград со 13,4 отсто, како и листата „Александар Шапиќ – Градоначалник“, на поранешниот ватерполо репрезентативец на Југославија и Србија со 7,9 отсто. На коалициските партнери на Вучиќ во парламентот, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ и на Единствена Србија, на Драган Марковиќ Палма, кои самостојно одат на белградските избори, анкетите им предвидуваат 5,8 отсто од гласовите.

Изборниот праг би можеле да го минат и радикалите на Воислав Шешељ со 5,1 отсто од гласовите, а истиот процент во анкетите се превидува и за Лука Максимовиќ алијас Љубиша Прелетачевиќ Бели, медиумската атракција на минатогодишните парламентарни избори и на неговата листа „Љубиша Прелетачевиќ БЕЛИ – Затоа што го сакаме БЕЛОВГРАД“

На работ на изборниот праг од 5 отсто се и здружената листа „Овие да одат, а оние да не се вратат“ на движењето „Доста беше“ и конзервативното движење Двери, а на оваа граница е и листата „Да го ослободиме Белград“ на Демократската партија (ДС), Нова партија (НС), Зелените и Социјалдемократската партија (СДС) на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ. Со граѓанската иницијатива „Не го даваме Белград – Жолта патка“ со потенцијалните 2,7 отсто од гласовите, сите други листи и партии би имале збирно околу 8,3 отсто.

Градоначалникот на српската престолнина не го избираат непосредно гласачите, туку советниците во Скупштината на Градот со просто мнозинство на конститутивната седница. Резултатите од изборите треба да бидат објавени во рок од 24 часа, до понеделник во 20 часот.