Изборите потврдија дека Путин е посилен од кога и да е, првите честитки од Кси а Западот молчи

Владимир Путин убедливо во неделата победи на првиот круг од претседателските избори и го освои четвртиот мандат на чело на Русија со освоени рекордни 76,67 отсто од гласовите, по изборните 99,84 што укажува дека неговата позиција во руското општество е посилна од кога и да е претходно, и тоа во текот на најтензичните односи со Западот од крајот на Студената војна.

Откако веќе мина 18 години, како претседател и како премиер, вадејќи ја Русија од економски и од политички хаос, и враќајќи ја како играч на кој мора да се смета на меѓународната сцена, Владимир Путин на овие избори со освоените 76,67 отсто од гласовите го оствари досега најдобриот изборен резултат на претседателските избори.

Путин првпат стана претседател во 2000 година, со 52,9 отсто од гласовите, вториот пат четири години подоцна освои 71,3 отсто, а во 2012 година освои 63,6 отсто од гласовите.

Покрај тоа, одѕивот на овие избори беше поголем отколку 2012, односно 67,47 отсто, или 73,36 милиони луѓе, од кои 54,4 милиони гласале за Путин, со што ја зацврстува својата силна позиција. Во прилог на тоа одат и другите податоци од изборите, како на пример податокот дека во престолнината Москва за Путин гласале 3,6 милиони луѓе или за 1,6 пати повеќе отколку пред шест години. На Крим, пак, дури 92 отсто од гласачите гласале за актуелниот претседател кој е критикуван од меѓународната заедница поради тоа што овој црноморски полуостров доминантно населен со руско и рускојазично население во март 2014 година по превратот во Киев преку референдум ја вратија автономијата укината во 1990-те и изгласа присоединување кон Руската Федерација, што Западот го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија.

Путин по овие избори останува на чело на земјата до 2024 година, кога ќе има 72 години, а повторната можноста за кандидатура би ја имал дури во 2030 година. Запрашан во неделата дали ќе се појави на тие избори, со насмевка одговори дека уште е прерано за тоа да се размислува.

Во говорот пред приврзаниците кои во неделата се собраа во близина на Кремљ, Путин им се заблагодари на гласачите кои повторно го поддржаа за должноста шеф на државата. Притоа оцени дека неговата победа е знак на доверба и надеж, како и признавање за она што е постигнато во последните неколку години, и покрај тешкотии. Додаде дека е „важно да го задржат единството, единството е клучно за успех“.

На второ место со 11,80 отсто од гласовите е кандидатот на комунистите, милионерот Павел Грудинин, пред ултранационалистот од либералната партија Владимир Жириновски има 5,66 отсто, а либералната новинарка Ксенија Собчак освоила 1,67 отсто, а Григориј Јавлински освоил 1,04 отсто од гласовите, додека другите три кандидата се под 0,7 отсто.

 

Кина прва му честиташе на Путин

Првата светска сила којашто го поздрави повторниот избор на Путин беше Кина, чијшто челник Кси Џинпинг ги поздрави во понеделникот кинеско-руските односи за кои рече дека се „на највисокото ниво во историјата“ истакнувајќи дека „рускиот народ покажал сплотеност“.

„Односите меѓу двете земји се на највисокото ниво во историјата, што претставува пример за изградба на нов тип меѓународни односи втемелени на меѓусебното почитување, еднаквоста и правдата. Кина е подготвена да соработува со Русија, за овие две земји да продолжат дополнително да напредуваат во односите и промоцијата на светскиот мир“, порачува Кси.

Покрај челниците на централноазиските земји, поранешни советски републики, победата на Путин ја поздравија и кубанскиот претседател Раул Кастро, на Венецуела, Николас Мадуро, кој смета дека исходот на руските претседателски избори сведочи за „демонстрацијата на патриотизмот, високата политичка свест“ на Русите и нивната „дабока посветеност на демократијата“.

Меѓу другите во ова друштво се и српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ во чиишто честитки се истакнуваат добрите односи меѓу двете земји.

„Сигурен сум дека со вашиот исклучителен талент како лидер со јасна визија и силна волја, како и одговорност и посветеност во работата, ќе продолжите да постигнувате успех во решавањата на сите важни прашања за Русија и во остварувањата на плановите за нејзиниот натамошен сеопфатен развој“, се вели во пораката што Вучиќ му ја упатил на Путин заблагодарувајќи му се за придонесот за јакнење на балатералните односи меѓу двете земји.

Премиерката Брнабиќ, пак, од своја страна ја истакнува убедливата изборна победа на рускиот претседател.

„Резултатот што го постигнавме само ја потврдува широката поддршка којашто ја уживате за сите комплексни реформи кои досега успешно ги завршивте или кои претстојат. Тоа зборува дека граѓаните ве гледаат како вистински лидер кој е подготвен да одговори на сите предизвици во наредниот период“, вели Брнабиќ, која исто така потсетува дека Србија и Русија имаат „добри пријателски и срдечни односи“.

 

Критики од Порошенко и Меккејн

До понеделникот утрото се уште ниеден западен челник му ја нема честитано изборната победа на Владимир Путин.

Први се јавија оние кои не се задоволни од исходот на гласањето на Русите, меѓу кои очекувано предничеше украинскиот претседател Петро Порошенко за кого гласањето на Крим било нелегално.

Порошенко уверува дека „светските лидери“ не се подготвени да ги признаат резулатите од изборите на полуостровот,како и вкупниот исход. „И единствениот претседател кој ќе се избира на Крим ќе биде претседателот на Украина. Јас во врска со тоа не се сомневам“, пренесе кабинетот на Порошенко.

Американскиот сенатор Џон Меккејн, претставик на ткн републикански јастреби и заговорник на жесток курс на САД кон Русија, пак, изразува сомневање дали руските гласачи го поддржуваат Путин.

„Фактот што Путин стори толку многу за да ги привлече избирачите, сведочи дека Русите знаат дека неговото барање да ја добие власта е измама. САД ги поддржуваат сите Руси кои се гладни за слобода“, пишува Меккејн на Twitter.