Изборите се излез од кризата и шанса за економијата

На Македонија и се потребни предвремените парламентарни избори на петти јуни за излез од политичката криза и за враќање на стабилноста во економијата. Владата, Народна банка, банкарите, бизнисмените апелираат политичарите да се договорат, за да се најде излез од ситуацијата, пишува Лидер.

Откако Заев со своите условувања ја минираше средбата во Виена, Македонија остана заглавена, а со тоа се зголемија и ризиците по стопанството.

-Колку и да се трудиме во Владата, економскиот тим, изминатиот период задржавме стабилност и економски раст, но продолжувањето на кризата не може да оди во недоглед. Не одењето во Виена всушност значи и одлагање на денот на постигнување на некакво решение, а тоа значи дека ефектите врз економијата постепено ќе почнат да стануваат негативни. Ние, како што најави и гувернерот Богов, раст проектираме дека ќе имаме, но тој успорува и ако продолжи кризата може да имаме негативни стапки на раст. Одлагањето на овие разговори всушност значи продолжување на економската несигурност, а можни се и негативни ефекти врз економијата, вели вицепремиерот Владимир Пешевски.

Предупредувањата пристигнуваат и од меѓународните финансиски институции.

-ММФ излезе со проекција за економскиот раст на Македонија во оваа година од 3,6 проценти, што потврдува дека и тие гледаат оти македонската економија има здрав потенцијал за економски раст. Но, беше искажана загриженост дека најновите политички случувања и политичката несигурност можат да го загрозат овој потенцијален економски раст, изјави гувернерот на Централната банка, Димитар Богов, по пролетните средби во Вашингтон.

Банките бараат стабилност

Македонските банки се ликвидни и секогаш подготвени да одговорат на барањата на своите клиенти, но потребна е политичка стабилност во земјава за да нема последици по економијата – предупредуваат банкарите. Со продлабочувањето на кризата е можно да забави кредитирањето, да се зголеми резервираноста и воздржаноста, да почнеме да бележиме негативни стапки.

-Помеѓу политичката, економската и финансиската стабилност постои меѓузависност. Да се надеваме дека нема да ги поремети фундаментите, стабилноста на банкарскиот сектор и на економијата. Мора да се има предвид дека македонските банки во минатото поминаа низ многу тешки периоди. Не треба да се заборави 2013 година и кризата што се случуваше во опкружувањето, шпекулациите дали еврозоната ќе го намали бројот на членки или не. Од тој аспект, македонските банки покажаа дека имаат висока ликвидност, водат сметка за здравото работење и за ризиците кои ги прифаќаат и затоа штедните влогови на граѓаните и на фирмите им се загарантирани со стабилното работење на банките, вели првиот човек на Шпаркасе, Глигор Бишев.

Ставот на Бишев го делат и економистите. Универзитетскиот професор Томе Неновски вели дека на стопанството му е потребно предвидливо опкружување.

-Извесноста е важна за економијата, бидејќи стопанството прави планови, а неизвесноста ги оттргнува бизнисмените од понатамошни нови вложувања. Не е добро ако има воздржаност, бидејќи тоа не носи развој, вели професорот Неновски.

Како да се привлечат инвестиции во услови на криза?

Македонија од атрактивна дестинација за привлекување странски инвестиции може да се претвори во место кое ќе биде избегнувано при носењето на инвестициските одлуки. На ова предупреди и „Македонија 2025“,  организацијата на видни светски бизнисмени со македонско потекло.

-Земјата не смее да го губи времето на политички несогласувања кои се бариера и кочница на економскиот развој. Сите политички фактори во земјата треба да се фокусираат на создавање работни места, подобрување на јавните услуги и создавање на еднакви можности за сите граѓани. Во време на големи предизвици, луѓето треба да делуваат смирено и да бидат воздржани од чинови кои се штетни за благосостојбата на  народот.  Придобивките на демократијата, транспарентноста и слободата на говорот треба да бидат насочени кон подобрување на земјата во оние области кои заостануваат во споредба со функционалните демократии кои имаат развиени економски системи и пазари.  „Македонија 2025“ смета дека кризата штети на процесот на намалување на невработеноста, промовирањето на извозот и привлекувањето на странски инвестиции во Република Македонија, се вели во соопштението од Одборот на директори.

Компаниите бараат да не се одолговлекува кризата

И домашните компании бараат да не се одолговлекува решавањето на политичката криза, бидејќи последиците од неа веќе се чувствуваат во секојдневното работење. Од ССК велат дека во услови на политичка криза не е можно зголемување на производството, освојување други пазари, склучување договори со нови партнери, преземање развојни или инвестициски активности. За бизнис – заедницата е клучно да се знае кога политичката неизвеснот ќе заврши, за да продолжи кредитната активност на банките, но и активностите на компаниите во насока на нов инвестициски циклус.

-Неизвесноста не може да трае до недоглед, треба да има разрешница и да се знае кога таа ќе се случи. Лани остваривме позитивен резултат од 3,7 отсто, иако предвидувањата и проектирањата беа четири, укажува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Со сличен став се и бизнисмените од Стопанската комора на Македонија.

-Кризата мора што побрзо да се реши и државата да излезе од овој ќорсокак за да не се загрозат економските текови. Ова испраќа лош сигнал за странските инвеститори и за извозот,  велат од Комората.

Со исто мислење е и Стопанската комора на северозападна Македонија. Оттаму велат дека бизнисот трпи големи штети, а особено се погодени малите и средните претпријатија. Странските партнери стравувале од натамошна соработка и инвестирање.

-Сите треба да бидат одговорни, сериозно да се однесуваат и да донесат долгорочни одлуки“, вели претседателот на Комората, Неби Хоџа.

Сите пораки се насочени кон тоа дека на петти јуни треба да има избори за конечно да се излезе од политичкиот круг на нестабилност и да се влезе во мирни води.