Изборно

Пола Балкан е во изборна фаза. Избори во Македонија, Србија, Турција… Босна бара избори, а во Косово изборите тукушто завршија. За тоа време Дејли мејл” викендов пишува дека настаните во Украина и реториката на главните играчи, навестува почеток на Трета светска војна и тешка безбедносна криза во Европа.

Патем, минатата недела ВЕЧЕР пишуваше дека по овие избори, веќе наесен во 2016 година може да се очекуваат нови избори. Парламентарни.

Причините кои ги објави ВЕЧЕР се дека тогаш завршува циклусот на стабилизација на Грција и почеток на отплатата на грчките долгови според новите правила, па Европа би играла на СДСМ како поволен партнер за нивните цели и потреби. Бидејќи е очекувано Груевски да не прифати решение според атинскиот диктат, а Грците за друго не ни мислат, наесен 2016 Брисел би поттикнал нови избори за промена на власта.

Кој мислел дека е ова гола претпоставка, во заблуда е. Во петокот Али Ахмети, лично, изјави дека сега ќе имаме предвремени избори, но ако не се забрза процесот за влез во НАТО и во Европската унија, да очекуваме следни, и тоа вонредни избори.

Потврдата е тука, по само неколку дена од веста објавена во ВЕЧЕР. За нас, кои сме долго во политиката, со ова искуство, со добри информации и конекции, намерите на Али Ахмети и на Брисел ги видовме навреме. Другите нека коментираат отпосле.

Па, како што стојат работите пред априлските избори во Македонија, во контекст на наведените настани и односот на сили и интереси во државата.

Прво за претседателските.
Сосема логично и разумно, ВМРО-ДПМНЕ излегува на избори со поддршка на професорот Ѓорѓе Иванов за нов мандат. Неговите предности се што е доминантно постручен, поискусен и позаинтересиран за македонските национални интереси отколку неговиот противкандидат Стево Пендаровски. Иванов не е партиски човек и тоа му обезбедува поддршка меѓу неутралните, непартиски гласачИ, особено во градските средини. За време на претходниот мандат Иванов немаше ниту еден погрешен чекор, потврден скандал или покажано незнаење пред претседателските предизвици. Напротив.

Иванов не е харизматичен и медиумски леплив лик. Тоа е неговиот единствен недостаток. Не подига емоции и не влече следбеници зад своите чекори, што е одлика на харизматичните ликови. Но, во наши услови, следењето на харизмата обично било на слепо, без рацио и завршувало со будење во простори кои не сме ги ни очекувале. Харизмата на Балканот е платена со приличен број несреќни завршници и болни будења.

За негова среќа, харизматичен не е ни противкандидатот Стево Пендаровски.
Пендаровски, лик од сенката на Црвенковски, и негов близок соработник со години. Го нема искуството, посветеноста и осетот за национални интереси кој го има Иванов. Тој е добар, образован и стручен, солиден партиски кадар кој целата кариера ја изградил како пропагатор и одработувач на НАТО. Копија на Нано Ружин, но без шармот и елоквенцијата на Нано. Нема други предности и квалификации за врвна политика, освен добриот рејтинг во Брисел и поддршката од Црвенковски.

Во услови кога, во 2016 година, може да се очекува сериозен притисок за прифаќање на грчкиот ултиматум, предноста на Пендаровски е голема, голема маана.

Пендаровски, патем, е одработување од Заев за Црвенковски. Пендаровски беше спомнуван и како кандидат за претседател ан СДСМ лани при изборот на Заев и Шеќеринска за лидери на СДСМ. Но, во партијата тогаш проценија дека нема капацитет за таа лидерска позиција. Не бил добар за нив, но сега сметаат дека е добар за нас.

Трет кандидат со шанса за гласови е Илијаз Халими од ДПА. Со оваа кандидатура Мендух Тачи и ДПА, какви се – такви се, уште еднаш покажаа дека имаат респект кон Македонија како заедничка мултиетничка држава, за разлика од ДУИ, кои повторно заиграа на тврдите, исклучиви етнички интереси. Тачи на Албанците им дава шанса да имаат активна политичка улога во Македонија, наместо да бидат фактор на тензии, кон што води бојкотот на претседателските избори кој го застапува ДУИ.

Во однос на албанските планови и цели во Македонија, ДПА и ДУИ немаат разлики. Ниту еден од нив не се труди да ја убеди Албанија да ја признае Македонија под уставното име. И двете партии бараат шеф на Парламентот, или на државата, од редовите на македонските Албанци, иако тоа не би го добиле на избори, туку онака, затоа што тие мислат дека така треба. И двете партии немаат автономна политика, туку по мислење одат во амбасадите на Брисел и Вашингтон. И двете партии не спроведуваат рамковна обврска за вработувања и права на Македонците во општините каде што Албанците се мнозинство… Разликите се во методот. ДПА е за игра на јавна сцена, ДУИ за трикови зад сцената.

Очекувано, во април ќе има и парламентарни избори.
Според анкетите, на три месеци пред априлските парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ има скоро дупло поголем рејтинг од СДСМ. Така беше и пред локалните избори лани, така беше и пред минатите парламентарни избори во 2011 година. Какви беа анкетите, скоро такви беа и изборите потоа. Па, искуството кажува дека по овие парламентарни избори бројот на пратеници и соодносот на силите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Собранието ќе биде приближно ист како и сега.

Битно е кога веќе победува, Груевски да има на располагање над 62 пратеници. Не чекаат битни одлуки за одбрана на националниот идентитет дома, а и надвор. Има силен притисок за воведување двојазичност во цела Македонија, иако тоа не е обврска од Рамковниот договор. Следува силен притисок од Брисел за прифаќање на грчкиот ултиматум и закана со вонредни избори ако владата на Груевски не го прифати тоа. Во такви услови, прилично е битно дали владата на Груевски, која и така победува, ќе има зад себе стабилно и клучно мнозинство во Парламентот или ќе зависи од уцената на коалициониот партнер, било да е тоа ДУИ или ДПА.
Во вакви прилики, гласачите Македонци ќе имаат шанса да покажат дали им е поважна стабилноста на СДСМ или на Македонија. После бадијала ќе биде каењето.

ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ќе ги добијат овие избори. Тоа е сосема извесно. Неизвесно е само дали ќе имаат 62 пратеници или помалку. А како никогаш досега, ова е битен детаљ од крајниот исход на изборите и случувањата во Македонија потоа.

Груевски предводи тим кој е, без сомневање, најдобра политичка генерација која Македонија досега ја имала. И со економска и со политичка мерка мерено.

Тимот, во прв ред, составен од Сашо Мијалков, Зоран Ставревски, Миле Јанакиевски, Гордана Јанкуловска, Бети Канчевска, Влатко Ѓорчев… е состав на првоборци кои односите и однесувањето го граделе во тешка и мачна опозиција, преземање власт со убедливи победи на избори и практицирање на власта со најдолги мандати и забележителни резултати кои ги може да ги види, и да ги мери, секој гласач и граѓанин. За разлика до СДСМ, тука нема дворски игри, подметнувања, мкнење профити на свои сметки на штета на угледот и концептот на владата и тимот. Затоа и траат толку долго.

Овој тим, еквивалент на вардаровата неповторлива генерација предводена од Дарко Панчев, остава најдлабока трага и реформа во новата македонска историја.

На првоборците подоцна им се приклучуваат Владимир Пешевски, Иво Ивановски, Горан Трајковски, заедно со Мартин Протоѓер, Илија Димовски… Но, славата и сјајот на првоборците е она што македонската историја ќе го памети како градители и реформатори.

Предизвик за Груевски, и за ВМРО, е дали и како во блиска иднина ќе се вклопи новата генерација со Ивица Коневски, Спиро Ристовски, Никола Тодоров, Диме Спасов… Кај некои влезот во историскиот тим се одвива успешно, кај други оди тешко. Владата која Груевски ќе ја формира по изборите ќе биде негова најсложена задача во првиот период на новиот мандат и ќе покаже колку смената на генерации била успешна. Од резултатот на тој процес ќе зависат многу други практични и секојдневни работи во Македонија.

СДСМ, од друга страна, нема на што да се надева на овие избори. Енигма е само колку нивни гласачи ќе го поддржат Стевчо Јакимовски и неговиот модел на успех, кој на изборите во април може да смета на три, можеби и четири пратеници. Доволно за да се дефинира како партија и концепт со перспектива. Тој и неговата матрица се блиски до гласачите на СДСМ. Влезот во Собранието би бил доказ дека со многу работа има и успех.

СДСМ по изборите има задача за темелни промени. По следниот пораз, јасно е дека Шеќеринска е малерот, ликот кој секогаш е тука кога се губи и главна причина зошто СДСМ е изолиран, без релации со бизнис-заедницата, медиумите и оптоварен со навистина неиздржливо ниво на интриги, омраза, гнев и безидејност што понатаму.

Има ли решение за реформи и нови перспективи за СДСМ. Има.
Но, како што велат тие, јас не сум платен од Бихаќка” за да им го кажам тоа.