Изборот на нови уставни судии пред пратениците

Предлогот на претседателот Ѓорге Иванов за избор на Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за судии на Уставниот суд на Република Македонија е на дневен ред на 27-та собраниска седница закажана за понеделникот.

Костадиновски и Кадриу треба да дојдат на местото на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава. Тие беа избрани за судии на Уставен на предлог на претседателот Бранко Црвенковски во 2008 година.

Претседателот Ѓорге иванов претходно во ноември ги предложи Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за нови судии на Уставниот суд. Како што тогаш соопшти неговиот Кабинет, Иванов смета дека со предлозите на д-р Дарко Костадиновски и д-р Осман Кадриу, Уставниот суд ќе добие судии кои најодговорно ќе ја извршуваат функцијата за време на нивните мандати.

Дарко Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од областа на меѓународното право. Докторирал на тема „Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици од советодавните мислења на Судот“ и е автор на книгите „Меѓународна Арбитража“ и „Меѓународниот суд на правдата – неопходност од реформи и промени (Советодавните мислења на Судот и нивните импликации)“.

Како предлог за уставен судија, Костадиновски доаѓа од местото државен советник за надворешна политика во кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Член е на кабинетот на Претседателот од 2001-та година во тогашниот кабинет на претседателот Борис Трајковски. Од 2006 година продолжува неговиот ангажман, раководејќи со одделението за Европската Унија и НАТО во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски.

Тој во 1998 година работел на проект на УСАИД за подготовка на закони во Собранието на Република Македонија и бил набљудувач во рамки на проектот на Советот за радиодифузија за мониторинг и анализа на електронските медиуми. Во 2015 година, Костадиновски е назначен на функцијата пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.

Осман Кадриу е истакнат и реномиран правник во Република Македонија. Како предлог за уставен судија доаѓа од академската заедница, како професор на Факултетот за правни науки на ФОН, експерт во областа на облигационото право. Тој има повеќедецениски стаж во областа на правните науки како судија во Општинскиот суд во Кичево, член на Републичкиот судски совет и адвокат. Повеќе од десет години, д-р Кадриу бил ангажиран како професор на Правниот факултет на државниот универзитет во Тетово во граѓанско-правната област.

Постдипломските студии во областа на граѓанско-правната област ги завршил на правниот факултет во Белград, а има докторирано на истиот факултет на тема „Незаконитиот престанок на работен однос и одговорност на претпријатието за штета”. Д-р Кадриу има објавено четири книги од граѓанско-правната област, трудово-правните односи и политичкиот систем. Автор е на повеќе од 50 библиографски единици-научни теми и статии објавени во познатите стручни списанија во Македонија и странство.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.