Избрани шесте најбезбедни и најчисти училишта

Министерството за образование и наука избра три основни и три средни училишта кои најуспешно ги исполнуваат утврдените критериуми за безбедност и хигиена. Изборот на училиштата започна со јавен повик во рамки на пилот-проектот за најдобро училиште во насока на зголемување на безбедноста и хигиената во училиштата, а изборот на „Најбезбедно и најчисто училиште” го изврши стручна комисија, формирана од Министерството за образование и наука на, врз основа на пристигнати апликации и увид во самите училишта.

Во конкуренција од 22 основни  училишта, за најбезбедни и најчисти училишта избрани се: ООУ „Св.Климент Охридски“ – с.Драчево, Кисела Вода; ООУ „Кирил и Методиј“ – с.Стојаково, Богданци; и ООУ „Св.Климент Охридски“ – Македонски Брод.

Во категоријата на средни училишта пристигнаа 8 апликации меѓу кои, за најбезбедни и најчисти избрани се: СОУ „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка; СОУ „Димитар Влахов“ – Струмица; и СОУ „Крсте Петков Мисирков“ – Демир Хисар.

Министерството за образование и наука им се заблагодарува на сите училишта кои се пријавија на Јавниот повик и активно се вклучија во промовирање на идејата за „Најбезбедно и најчисто училиште“. На административниот и наставниот кадар, како и на учениците од избраните шест најбезбедни и најчисти училишта, Министерството за образование и наука им го честита постигнатиот успех.