Издадени 40 нови наслови на аудио книги на македонски јазик

Со 40 нови наслови на аудио книги на македонски јазик се зголеми фондот на аудио книги наменети за слепите и слабовидните лица. Овие книги се дел од проктот на МТСП „400 Аудиокниги за лица со оштетен вид“.

-Овој проект го започнавме во септември минатата година, при што тогаш ги промовиравме првите 40 наслови во соработка со МРТВ и кои што беа ставени на располагање на Националаната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ во Скопје, во Сојузот за слепи и училиштето за слепи деца и младинци со оштетен вид, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Спасов посочи дека се очекува до март оваа година да бидат подготвени уште 60 наслови на аудио книги, а доплнително оваа година МТСП ќе распише и нова јавна набавка за снимање и печатење на доплнителни 200 аудио книги, а за следната година се очекува да го надминеме планираниот број од 400 аудио книги.

Ова се први вакви аудио книги направени на македонски јазик.

Претседател на Сојузот на слепи лица Жарко Селковски изразуви благодарност до МТСП и Владата и истакна дека тие имаат огромно разбирање за потребите на слепите и слабовидни лица.

Селковски потенцираше дека овој проект за аудио книги е од особено значење за слепите бидејќи со нив тие литературно ќе можат да се надградуваат и да се образуваат на македонски јазик.

-Верувам дека планираните 400 книги кои треба се објават годинава ќе бидат достапни за сите членови без разлика каде се наоѓаат, рече Селковски.

Директорот на училиштето „Димитар Влахов“ Горанчо Јакимов појасни дека денеска промовираните аудио книги се лектирни изданија кои се наменети за учениците.

– Опфатени се лектири од основното и средното образование, така што на одреден начин се руши уште една бариера која ја имаа учениците со оштетен вид. Од денеска нашата училишна библиотека се збогатува и овие изданија ќе им бидат достапни на сите наши ученици, рече Јакимов.