Македонија

Издадени 633 потврди за барање азил за еден ден

Издадени 633 потврди за барање азил за еден ден

МВР  вчера издаде 633 потврди за поднесување барање азил во Македонија на странци кои илегално влегле во земјава.

22.208 издадени потврди за 11 дена

МВР денеска соопшти дека во периодот од 19 до 30 јули годинава издадени се потврди на вкупно 22.208 странски државјани, од кои 16.109 се од машки пол, 2.949 се од женски, 2.953 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 197 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил.

Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија 16.479, потоа Авганистан 1.748, од Ирак 1.222, Пакистан 774, од Сомалија 473, Палестина 415, Конго 278, од Камерун 127, додека останатите се во помал број.

Вкупно 41 барање за азил

Од започнување на издавањето на потврди до 30 јули годинава до Одделението за азил се поднесени 41 барање за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда. Притоа 31 барање се од државјани на Сирија за азил, а од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет.

Девет барања за азил во Прифатниот центар

Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 30 јули 2015 година се евидентирани вкупно 9 баратели на азил, сите мажи.

Од вкупниот број баратели на азил кои се присутни во ЈУ Прифатниот центар, стои во соопштението од МВР, не се евидентирани баратели на азил со повреди, бремени барателки на азил и малолетни лица без придружба на старател.

Дете задржано во болница поради висока тепература

Во однос на активностите на мобилните тимови на Црвен крст на 29 јули годинава до 18 часот, укажале прва помош на вкупно 100 лица, од кои 6 трудници и 14 деца. Од вкупниот број интервенции, 67 се извршени на железничката станица во Гевгелија и 33 интервенции на железничката станица Табановце.

Тригодишно дете поради висока температура е транспортирано до гевгелиската општа болница, каде е под медицински надзор.

До 18 часот екипите дистрибуирале 456 шишиња вода, 57 пакети за жени, 64 пакети со храна, 56 пакети за мажи, 62 пакети за самопомош и 14 пакети за бебе.

 

 

Стотици мигранти секојдневно се обидуваат да влезат во земјава.