Македонија

Издадени 68.784 потврди на мигранти со намера за барање азил

Издадени 68.784 потврди на мигранти со намера за барање азил

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден издало уште 1.830 потврди на мигранти за остварување на право за барање азил. Таков документ од 19. јуни годинава досега е издаден на 68.784 мигранти.

Според МВР, во изминатото деноноќие до Одделението  за азил не се поднесени барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.

49 барања за азил

Досега се поднесени 49 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда. Триесет и шест барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан од кои четири се деца кои го придружуваат родителот, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет.

Нови 6.000 мигранти денес ќе поминат низ Македонија

Според проценката на сите чинители вклучени во справувањето со бегалската криза присутни во прифатниот камп во Гевгелија во текот на вчерашниот ден низ нашава земја транзитирале околу 6.000 мигранти од прифатниот камп во Гевгелија до Табановце.

Од железничка станица информираа дека од платформата кај кампот вчера кон Табановце заминале пет специјални воза со околу 3.300 мигранти, а утрово пред околу половина час замина и првиот денешен воз кон Табановце со околу 600 мигранти.

Од железничка потврдија дека и денеска се подготвени да одговорат на барањата од кампот со уште специјални возови кои се подготвени и чекаат на повик.

Вчера голем дел од мигрантите се превезуваа со автобуси и такси возила кон Табановце, а тоа е случај и утрово. Околу 30-ина автобуси и такси возила ги чекаат мигрантите на мостот кај Сува Река и оттаму ги превезуваат кон северната граница. Голем дел од нив веќе заминаа на пат да превезуваат мигранти, а останатите овие моменти ги чекаат групите што пристигнуваат од кампот и тие во секој момент ќе се упатат кон Табановце.

Според напливот на мигранти во прифатниот камп, се очекува и денеска низ нашава земја да транзитираат околу 6.000 мигранти. Превозот е добро организиран и барем засега се одвива без потешкотии