4.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Издишани протести за заштита на „грчкиот карактер на Македонија“

Пела, 6-ти јуни 2018, Giannis Papanikos/AP

Иако беа громогласно најавувано, вчерашните протести против „грчкиот карактер на Македонија“ ширум Грција, во 24 градови ги немаа интезитетот од оние коишто се оджаа на почетокот од годинава во Солун и во Атина.

Централниот собир се одржа во градот Пела, родното место на Александар Македонски, од каде што беше порачано дека Македонија била и ќе останела грчка. Меѓутоа, според грчките медиуми на собирот присуствувале околу 2.000 луѓе, иако организаторите пред неговото одржување најавуваа најмалку двојно повеќе.

Организатори  на протестите беше Комитетот на хеленисти на Македонија, но поддршка добија само од некои помали партии, но не и од грчката црква која порача дека името Македонија „не се бранело на улица“. За разлика од протестот во Атина пред четири месеци, кога Грчката православна црква го поддржа собирот и учествуваше со три претставници, сега грчкиот архиепископ нагласи дека неговиот став е дека ваквите прашања не се решаваат со протести. Наспроти тоа, еден од организаторите,  Михалис Пацикас, на прес-конференција во средата најави дека очекува „три милиона“ приврзаници.

Јоргос Патулис, претседател на Централниот сојуз на општините на Грција, на конференцијата за печатот изјави дека локалната власт ги поддржува протестите „за  толку огромно прашање на кое нема место за компромиси”.

На плоштадот во градот Пела, до споменикот на Александар Велики, се одржа централниот собир со грчки знамиња и пораки дека Македонија е грчка. Паралелните протести во 19,30 часот по локално време почнаа во 24 различни градови. Демонстрациите низ цела Грција, беа во мирна атмосфера, со исклучок на островот Крит, каде што се случи мал инцидент меѓу група анархисти и полицијата, при што беше повреден еден полицаец.

Инаку, поголем број новинарски екипи од Македонија кои тргнаа кон Грција се вратија назад, бидејќи не им беше дозволен влез кај нашиот јужен сосед. Според информациите кои им биле дадени, влезот не им бил дозволен поради безбедносни причини и се повикувале на вчерашното соопштение од министерството за надворешни работи.

Скопје и Атина, инаку, се во исчекување на најавениот телефонски разговор или евентуална средба меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Македонската страна не дава официјални информации за тоа кога би се реализирал телефонскиот разговор или средбата меѓу двајцата премиери.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски вчера на прес-конференција не прецизира до каде се преговорите и дали е можна средба или телефонски разговор на премиерите на Грција и Македонија до крајот на неделава. Не сакаше да даде ниту коментар на ФБ статусот на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Заев завчера изјави дека во прашање се денови кога ќе се случи телефонскиот разговор меѓу него и Ципрас и додаде дека во моментот се уште се создаваат околностите тоа да се случи.

Грчката страна тврди дека сме близу договор и оти на потег е Заев. Заменик-министерот за надворешни работи Јанис Аманатидис  нагласи дека сме блиску сме до договор и во исчекување на одлуките на премиерот на ПЈРМ. Тој истакна дека не е загрижен за задоцнувањето во процесот, бидејќи „на другата страна и е потребно време за да го разгледа договорот“.

Договорот е на околу 20 страници, а во него се споменати сите прашања: иредентизмот,  уставната ревизија, ерга омнес, името и развивање на агенда за соработка, како и временскиот рок во кој ќе се имплементира сет тоа. За ратификацијата и имплементацијата се предвидени конкретни чекор – ратификација во македонското Собрание, па референдум и уставни промени, а потоа зелено светло од грчкиот парламент.

Според оцените на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, ако договорот се склучи набрзо, во македонското Собрание ќе стигне следните седмици, референдумот веројатно би бил на есен, додека, пак, по референдумот, би се направиле уставни промени.

Лидерот на Потами (Река), Страврос Теодоракис изрази оптимизам за решение, нагласувајќи дека во корист и на Грција е да се постигне договор, затоа што „треба сите сериозно да размислат дали можеби грчкото однесување го праќа Скопје во пакет кај Турците“.

Во врска со македонскиот јазик и македонскиот идентитет како дел од договорот, Теодоракис потсети дека „без да бидеме прашани, самоопределувањето е гарантирано право во Организацијата на обединетите нации“.

Во однос на тоа што треба да содржи договорот, Теодоракис вели дека за него е важно да не постојат иредентистички визии кон Грција од соседната земја, но и дека е „смешно Грците да се чувствуваат дека се под закана од Скопје“.  Тој се осврна и на црковен апспект, велејќи дека вселенскиот патријарх Вартоломеј интензивно работи во позадина и е решен да го затвори прашањето со црквата на Скопје.

Првиот човек на централно-левичарската партија имал средба и разговор со Вартоломеј за време на посетата на Грција на вселенскиот патријарх, а една од темите било и прашањето со МПЦ.  А грчкиот архиепископ Јеронимос вчера пред почетокот на протестите рече дека прашањата, како што е она со спорот со името, не се решава со протести.