Изетбеговиќ вели дека БиХ и Косово не може да се споредуваат

Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, во средата ги отфрли наводите на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ кој рече дека статусот на Република Српска е поврзан со позицијата на поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија, и ја ублажи реториката кон претставниците на босанскохерцеговските Хрвати, истакнувајќи дека им е најважен договорот со Бошњаците.

Шефот на српската дипломатија претходно во средата изјави дека требало да се прогласи независност на Република Српска оној момент кога тоа го сторија алабанските власти на Косово.

„Тие две нешта никако не може да се поврзат. Попусто му е на Дачиќ, ученикот на Милошевиќ, што се обидува да повлече паралели. БиХ е решена“, изјавил Изетбеговиќ во средата во Мостар. Појаснил дека истото зло „предводено од Слободан Милошевиќ“ ги поделило и Косово и БиХ.

Запрашан за односите со хрватската страна и хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Драган Човиќ, Изетбеговиќ рекол дека Мостар е вистинското место да се разговара за односите меѓу Бошњаците и Хрватите коишто, според него, мора да бидат подобри. Притоа вината ја гледа и во сопствените истапи.

„Тие односи би биле и подобри доколку помудро се однесуваат првенците коишто ги претставуваат двата народа, а тука не се исклучувам ниту себеси. Мислам дека Човиќ би требало да има предвид дека 50 отсто од хрватскиот корупс живее измешано со Бошњаците и дека е многу подобро да направи договор со нас во Сараево, отколку со некој во Белград или во Бања Лука“, рекол Изетбеговиќ.

Ги повторил тврдењата дека треба да се задоволат барањата на Исламската заедница, како и да се покаже пиетет за злосторствата врз Бошњаците.

Изетбеговиќ претходно најави дека бошњачката страна ќе продолжи да ја развива воената индустрија за повеќе да не се соочи со агресија и злосторства, и остро го нападна Човиќ за предавство на интересите на БиХ кога го поддржал градењето на Пељешачкиот мост.