Изгаснат пожарот кај Слупчане – постои сомнение дека е подметнат?

Хрватска во пламен
Хрватска во пламен
Пожарот во Слупчане бил ставен под контрола утрово околу 4 часот и 30 минути, а изгорена е борова шума на 20-ина хектари површина. Во гасење на пожарот освен надлежните екипи од Куманово и месното население, помогнале и пожарникари од Скопје, пишува Канал 5.
Според Регионалниот центар за управување со кризи симптоматично е што викендов три пати интервенирале во шумата над Слупчане, каде што поголемиот дел од теренот е непристапен и тежок за работа.- Имаше еден проблем, ќе го згаснеа пожарот и повторно ќе се ревитализираше, но сосема на друго место, едноставно сето ова е помисла дека некој намерно го пали, вели за Канал 5 Горан Стојановски, раководител на Регионален центар за управување со кризи.

Откако е изгаснат пожарот, на терен дежураат екипи од Македонски шуми за да не дојде до повторно активирање на огнот. Според надлежните, најчеста причина за шумските пожари е човечкиот фактор, а целта е економска корист.

-Некогаш се сечат шумите па за да се покрие дивата сеча се пали површината со габаритните делови од растенијата кои се сечат кои што не се користат за да не останат траги, вели Стојановски.

Пожар често предизвикуваат и сточарите заради прехранување на стадото, но и земјоделците кои ги палат стрништата мислејќи дека до година приносите ќе бидат двојно поголеми, објаснува Стојановски.

Тој апелира граѓаните да се воздржуваат од фрлање на догорчиња и стакло на отворен простор бидејќи на вакви високи температури може многу брзо да дојде до запалување на сува трева, стрништа, но и до избувнување на шумски пожар.