Македонија

Изгласан заемот за изградба на железничката пруга Бељаковце – Крива Паланка

Изгласан заемот за изградба на железничката пруга Бељаковце – Крива Паланка

Републичкото Собрание денеска го донесе Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој за Договорот за заем за финансирање на проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната железничка делница Бељаковце – Крива Паланка“.

Станува збор за задолжување од 145 милиони евра кај ЕБОР со кое ќе се овозможи изградба на делницата Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри, втор дел од пругата за железничко поврзување на Македонија со Бугарија на Коридорот 8. Според заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од 4 години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1 процент. Повлекувањето на заемот ќе се врши во транши. Минималниот износ на траншата изнесува 250.000 евра. ЕБОР дополнително ќе обезбеди грант од 670.000 денари за консултантска помош за имплементација на проектот и поддршка на компонентата за градење на капацитетите, пренесе МИА.

Со железничкото поврзување со Бугарија, според Џеладини, ќе се подобри системот за превоз и поврзувањето на државата, со што ќе се зголеми трговската размена, конкурентноста и развојот на економијата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во текот на расправата оценија дека заемот е со исклучително поволни услови и оти е добро што Владата посветува внимание на изградба на инфраструктура особено кога фокусот е привлекување што повеќе странски инвестиции кои отвораат нови работни места

– Особено е важно од аспект што Макеоднија не излегува на море. Ако земеме предвид дека поморскиот сообраќај е еден од најевтините, а ние не излегуваме на море тогаш треба да се посвети особено внимание на развојот на железничката инфратсруктура, рече пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ Крсто Мукоски.

Неговиот сопартиец Драган Цуклев истакна дека за патното и железничкото поврзување на државата во изминатиот период има значителни инвестиции.

– Колку е значаен Коридорот 8 Македонија искуси во блокадите од север и југ и неможноста од алтернативен масовен превоз на стока во тој период. И во изминатите години се соочувавме со чести штрајкови на вработените во грчките пристаништа и железници што имаше значителни штети за економијата, рече Цуклев.

Собранието го изгласа и Предлог – законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Програмата за национални патишта, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта, пренесе МИА.

Со Предлог законот државата ја гарантира исплатата на 160 милиони евра заем на Јавното претпријатие за државни патишта од ЕБОР за реализација на Програмата за национални патишта. Рокот за отплата на заемот е 15 години со вклучен грејс период од четири години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1 процент.

Реализацијата на Програмата ќе се одвива преку две транши, во износ од 74 милиони евра и од 86 милиони евра. Првата транша треба да овозможи изградба на првата фаза од експерсниот пат Прилеп-Градско, реконструкција на патниот правец Штип-Кочани на ниво на експресен пат, а втората транша за изградба на експресен пат Охрид-Пештани и автопат Струга – Требеништа.

– Со програмата ќе се подобри квалитетот на патната инфраструктура и ќе се зајакне капацитетот на ЈП за државни патишта, рече заменик-министерот Џеладини.

Изградбата на новите патишта, според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ќе придонесе за забрзан економски и туристички развој во сите региони и поголема сигурност на учесниците во сообраќајот.

Дополнително, ЕБОР ќе обезбеди грант средства во износ од 950.000 евра за консултантска помош за имплементација на проектот и поддршка на компонентата за градење на капацитетите. Сервисирањето на заемот ќе го врши ЈП за државни патишта од приходите кои ги остварува, во рокови и услови утврдени во Договорот за заем.

Поддршка од пратениците денеска добија и законите за изменување на законите за задолжителни нафтени резерви и за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, по скратена постапка. Со измените се пролонгира примената на членот 56 од Законот за задолжитени нафтени резерви за една година. Со тоа ќе се овозможи отстапување на нафтени резерви на корисници согласно постојниот закон кој сеуште е во сила односно согласно членот 9-а според кој задолжителните резерви на нафтени деривати може да се користат и во кризни состојби, како и во други случаи кога постои итна потреба од нафтени деривати од страна на државни органи, јавни претпријатија, јавни установи и други правни лица и институции основани од државата што вршат дејност од јавен интерес и општините, за извршување на нивните активности утврдени со закон. Воедно до 1 мај следната година ќе се овозможи продолжување на продажбата и давањето под закуп на спортските објекти над кои права, должности и одговорности во поглед на користењето, управувањето и располагањето има Република Македонија, објави МИА.