Изгласани измените на Законот за високо образование – државниот испит одложен

Собранието на денешната 36-та седница со мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија го донесе законот за изменување на Законот за високо образование, пренесува МИА.

Согласно измените, се одложува за една година спроведувањето на државниот испит за студентите, а за две години ќе се одложи обврската професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт-фактор.

Договорот беше постигнат на 6 февруари во Владата на РМ, каде средба со  премиерот Никола Груевски, министерот Абдилаќим Адеми и заменикот Спиро Ристовски имаа делегација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, предводена од ректорот Велимир Стојковски, кој е и претседател на Интеруниверзитетската конференција. Присуствуваа и претставници на пленумите на студентите и професорите.

На средбата беше договорено во наредниот период заеднички работни групи да ја продолжат дискусијата за подобрување на пакетот реформски закони и донесување нов закон за високото образование.

На дневен ред на денешната собраниска седница законот за изменување на Законот за високото образование по скратена постапка беше ставен откако во петокот во Владата беше постигнат договор за одложена примена на измените во постојниот закон, кои пратениците ги изгласаа на 14-ти минатиот месец.