Изгласани низа измени во финансиски закони

Собранието на Република Македонија денеска на 34 седница изгласа измени и дополнувања на законите за даночна постапка, за хартии од вредност, за банките и за осигурување депозити, пренесува МИА.

Со измените на Законот за даночна постапка се врши усогласување на прекршочните одредби кои се однесуваат на физичките лица со одредбите од Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност. Се менува членот 179-в од постојниот закон, со цел да се пропише повисок износ на глоба за сторен прекршок од физичките лице доколку не поднесат пријава за регистрација и ако не водат деловни книги и евиденции.

Усвоените измени на Законот за хартии од вредност предвидуваат издавачите кои ќе издаваат краткорочните сертификати за депозит да немаат обврска да бараат одобрение за нивно издавање од Комисијата за хартии од вредност. Друштвата за управување со инвестициски фондови ќе можат да станат членки на депозитарот за хартии од вредност и да отвараат портфолио сметки во депозитарот при вршење на услугата – управување со средства за сметка на индивидуален клиент. Исто така, брокерските куќи ќе имаат обврска веднаш да го внесат налогот од клиентот во системот за тргување на берзата. Ваквата измена, според образложението, е во насока на заштита на интересите на инвеститорите со цел да не му се остави простор на брокерот да шпекулира со добиените налози на клиентите за купување и продавање хартии од вредност, односно веднаш да ги внесе во системот за тргување за нивна реализација.

Измените и дополнувањата на Законот за банки, пак, го уредуваат пристапот до податоци со кои се стекнала банката при вршење банкарски и други финансиски активности, на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот за здравственото осигурување на Македонија и банките во Македонија, само за цели на постапките кои се спроведуваат во рамки на тие институции. За да се овозможи пристапот, потребно е овие институции да склучат меморандум за соработка со банка со кој се уредува начинот на достапност на податоците кои претставуваат банкарска тајна.

На седницата на Собранието се усвоени и одлуки за одобрување на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2014 и на Годишниот извештај за работата на Агенцијата за железничкиот сектор за 2013 година.

Собранието ќе продолжи со работа по редовната пауза, кога треба да се изјасни за предложените измени на законите за парнична постапка, за данокот на додадена вредност, за партиски истражувачко-аналитички центри, за градежно земјиште.