Изгореа околу 30 хектари од Гоцева шума

Директорот на подружницата на „Македонски шуми” од Демир Капија, Јован Јованов денеска информираше дека во пожарот што избувна вчера попладне околу 16 часот изгореле околу 30 хектари борови дрвја од Гоцева шума кај Неготино.

Огнот е ставен под контрола и се очекува во текот на денот да биде целосно изгаснат.

– Пламените јазици зафатија површина од околу 100 хектари. Гореа главно трева и меѓи, но зафатени беа и лозови насади и дел од шумата. Во моментов 30 наши работници се на терен, информира Јованов.

Иле Илиев, командир на Територијалната противпожарна единица од Неготино, рече дека во моментов на лице место се тројца нивни пожарникари со едно противпожарно возило.

– И по гаснењето на пожарот на терен ќе останат луѓе да дежураат, со цел веднаш да се реагира доколку се појави ново жариште, додаде Илиев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.