Изгореа жена и две куќи во Велес

Во пожар што ноќеска избувна во семејната куќа на велешкото семејство Бошкови на улицата „Ѓоре Органџиев“ во Велес изгореа две куќи и гаражи со приземен дел од објект на шивачко претпријатие во населбата Дворови. Во пожарот жива изгоре возрасна жена, панично раскажуваа соседите. Официјална потврда за жртвата ноќеска не можеше да се добие, пишува порталот Дума.мк

2

Огнот околу полноќ се запалил во дворот на семејството Бошкови, молскавично се проширил во куќата за потоа да ја зафати и соседната, на семејството Јанушеви. Тие раскажаа како за помалку од две минути морале да го напуштат домот бидејќи од соседната куќа слушнале експлозии а кога излегле надвор виделе дим и пламени јазици.

Потоа следеше спасување на жива глава. Сите соседи излегоа на сокакот, од секој дом се влечеа гумени црева и се пушташе вода со цел да се гасне огнот додека дојдат пожарникарите бидејќи куќите се дел од централната густо населена населба Дворови, со тесни и кривудести сокаци.

3

Тие и ветрот што силно дуваше го отежнаа гаснењето на огнот. Пожарникарите се обидуваа да го стават под контрола од три страни. Помагаа и граѓани, качени на тераси и покриви на соседните куќи. Во еден момент огнот се префрли и во соседниот двор, гаражите а го зафати и приземјето на шивачката работилница на Рашеви.

4

Тогаш се создаде најголема паника меѓу доброволците кои гаснеа од сите страни. Со полевање на вода се спасуваа и околните куќи. Операцијата траеше до раните утрински часови. Во населбата дојдоа градоначалникот Славчо Чадиев, поголем број на полицајци а постојано присутна беше екипа на итната помош со две медицински возила. На лице место сеуште се гаснат остатоти од пожарот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.