Изградба на нова црква во Куманово

Кумановско-осоговската епархија купи земјиште со површина од 1.902 метри квадратни во кумановската населба „Перо Чичо“ за изградба на нов православен храм. Од епархијата информираат дека црквата ќе биде посветена на светото Благовештение на Пресвета Богородица.

Отец Игор Здравковски од Кумановско–осоговската епрахија,информира дека иницијативата поттекнува од епрахијата и оти изградбата на храмот ќе започне на 7 април наредната година,кога ќе биде осветен камен темелникот.

– Во овој дел од градот нема црква, иако населбата е густо населена и постојано се развива.Земјишето е лоцирано во близина на поштата во оваа кумановска населба, рече свештеникот Здравковски.

Оваа е втора црква која ја гради новоформираната епархија,која функционира нешто повеќе од една година.Претходно, заврши изградбата на храмот на градските гробишта во Куманово,посветен на Воскресението Христово.Во мај оваа година беше осветен и камен темелникот за изградба на црквата „Свети Спас“ во кумановско Долно Којнаре.

Во текот на летото беа обновени повеќе цркви во градот, меѓу нив Свети Никола, Света Тројца во градот, Света Мина и Света Петка во Бедиње.