Македонија,Економија

Изградбата на туристичка развојна зона ќе го заживее Дојран и ќе отвори нови работни места

Изградбата на туристичка развојна зона ќе го заживее Дојран и ќе отвори нови работни места

Министерството за транспорт и врски распиша објава за отуѓување на државно градежно неизградено земјиште во месноста Карач, Стар Дојран за изградба на туристичка развојна зона.

Станува збор за градежна парцела со површина од 19,5 хектари на која е дадена можност за изграденост од 50 отсто и максимална висина на објектите до 25 метри.

Огласот за отуѓување е објавен вчера во дневните весници, а туристичката развојна зона е понудена и на повеќето туристички саеми на потенцијални странски инвеститори. Почетната цена на наддавање ќе биде 61 денар по метар квадратен, а заинтересираните треба да достават депозит од 1,5 милион денари. Апликациите ќе може да се доставуваат до 14 јануари 2014 година, а доколку има заинтересирани јавното наддавање ќе биде на 20 јануари.

На инвеститорот, како што информира министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес-конференција, му се дава слобода да одлучи што ќе гради во туристичката развојна зона.

„Инвеститорот ќе мора да достави банкарска гаранција во износ од три милиони евра во денарска противвредност за сериозност на понудата која ќе важи се до моментот додека не се платат средствата. Исто така, од него се бара да има годишен обрт на капитал од најмалку пет милиони евра во фискалната 2012 година. Услов е и правното лице кое ќе ја добие зоната да мора да вработи најмалку 150 лица и да ги задржи минимум три години од моментот кога ќе ги изгради објектите“, рече Јанакиески пренесе Курир.

Тој посочи дека идниот инвеститор во туристичката развојна зона во Дојран ќе биде ослободен од плаќање персонален данок на доход по основ на плати на вработените лица за период од 10 години од кога ќе започне да функционира зоната. Покрај тоа, во периодот од издавањето на дозволата за градење се до издавање на одобрението за употреба градбата ќе биде ослободена од плаќање на ДДВ за градежните материјали, а воедно инвеститорот ќе биде ослободен и од плаќање царина за увоз на градежни материјали.

„Законот дава и можност Владата да им додели субвенции на корисниците на зоната за почетно инвестирање во материјални и нематеријални средства кои се потребни за преземање на франшиза за ланец на хотели и отворање на работни места“, рече Јанакиески и додаде дека очекува да има успешна јавна објава заради целокупниот пакет што се нуди.

Градоначалникот на општина Дојран Борче Стамов, посочи дека туристичката развојна зона во Карач ќе придонесе за забрзан локален економски развој, решавање на проблемот со невработеност во општината, подобрување и зголемување на туристичките содржини, заживување на градот во текот на целата година, како и за преобразба и подбрување на целокупниот имиџ на Дојран и претворање во атрактивна туристичка дестинација.

Стамов додаде дека во Дојран се планира изградба на уште една туристичка развојна зона на површина од 11 хектари во Нов Дојран и голф терен, кој ќе биде понуден за продажба. За следната година најави уредување на плажите во Дојран и изградба на дополнителни три километри од рекреативната патека покрај Нов Дојран.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Кристијан Џамбазовски истакна дека во Македонија е предвидена изградба на уште осум туристички развојни зони од кои три во Охрид – Љубаништа 1,2 и 3, и по една во Калишта крај Струга, Попова Шапка, Кожуф, Отешево и Стење.