Изградбата на брзиот пат Градско-Прилеп ќе го заживее Росоман

Изградбата на брзиот пат Градско- Прилеп ќе го заживее росоманското село Сирково, кое ќе биде најблиску до оваа нова делница која е предвидена да се гради.

Ова, денеска го истакна градоначалникот на Росоман Стојанче Лазов, кој појасни дека поради изградбата на патот, малку е променет планот за комунална изградба во општината и наместо реконструкција на предвидениот пат од Росоман кон селата Манастирец и Трстеник, прво ќе биде реконструиран патот кон селото Сирково, па потоа тој кој води до двете села.

Според Лазов, експресниот пат треба да донесе и побрз развој на економијата на општината.

-Брзиот пат кон Прилеп ќе се прави за да се подобрат сообраќајот и безбедноста при патувањето во овој дел на државата, каде не ретко се случуваат сообраќајни незгоди, истакна градоначалникот Лазов.

Експресниот пат Градско- Прилеп преку Росоман и Дреново ќе биде во должина од 33, 5 километри, а ќе се гради во три дела.

Првиот дел, од Градско до Росоман до клучката за Кавадарци, е долг 16 километри, вториот ги опфаќа фаришката и дреновската клисура со должина од 10 километри и третиот од проширувањето кај Тројаци- Плетвар до влезот во Прилеп со 7,5 километри.

Финансиите се обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој, од буџетот на Република Македонија и ИПА фондовите.

Со изградбата ќе се стартува во втората половина на оваа година и тоа прво со вториот дел од делницата кој ги опфаќа клисурите, бидејќи тоа е најтешката фаза од проектот. Потоа ќе се гради првиот, па третиот дел.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.