Изградбата на гасоводот Неготино – Клечовце почнува наскоро

Руската компанија Стројтрансгас соопшти дека наскоро почнува со изградбата на гасоводот Клечовце – Неготино.

Станува збор за 60 километарски гасовод кој ќе ја поврзе термоцентралата во Неготино со српската граница. Според информацијата од рускиот енергетски градежен гигант, која ја објави новинската агенција Ројтерс, освен за снабдување на Македонија, овој гасовод ќе може да се користи и како дел од новиот планиран гасовод Турски Поток.

Кога ќе биде завршен, гасоводот треба да минува низ Македонија од грчката граница на југ, до српската граница на север.

Стројтрансгас ќе изгради 61 километар од оваа линија до јуни 2016 година, известува Ројтерс во денешната вест која ја пренесоа поголем број медиуми во регионот.

Магистралниот гасовод од Клечовце до Кавадарци беше планиран повеќе години, со цел да се отвори можност за префрлање на ТЕЦ Неготино од мазут на гас. Проектот требаше да биде финансиран пред се со пребивање на рускиот клириншки долг, а со години наназад се експроприраше и земјиштето по должината на планираната рута, за да може да се изгради овој гасовод.

Но, со откажувањето на гасоводот Јужен тек, кој требаше да ја поврзе Русија директно со Бугарија, и потоа да го пренесе рускиот гас на север до Австрија, Македонија влезе меѓу државите кои се во опција да бидат дел од главната рута на новиот руски проект – гасоводот Турски поток. Овој гасовод би поминувал под Црно Море, поврзувајќи ја Русија со европскиот дел на Турција, и би завршил со голема постројка за складирање на гас на турско-грчката граница. Оттаму, како што најави рускиот претседател Владимир Путин, гасоводот Турски поток може да поминува низ северна Грција, Македонија, Србија и Унгарија, на патот до Австрија. Сите земји по должината на оваа рута би можеле да сметаат на значителен економски ефект од гасоводот, од наплата на давачки за транспорт на гасот, но пред се од пониската цена на овој енергенс кој може да се користи за развој на индустријата.

Ројтерс во својата вест се осврнува на можноста Македонија да стане дел од главната гасоводна линија на Балканот: – Рускиот Стројтрансгас најави дека гасоводот низ Македонија би можел да стане дел од рутата за снабдување на Европа со руски гас, пишува Ројтерс. Агенцијата потсетува дека сопственикот на Стројтрансгас Генадиј Тимченко е под санкции на САД и на Европската Унија, но додава дека личните санкции за Тимченко нема да влијаат на изградбата на гасоводот Клечовце – Неготино, и потсетува дека Македонија не е членка на Европската Унија.

Македонија не беше предвидена како дел од главната рута на Јужен тек, но договори да добие снабдувачки крак, кој ќе беше доволен за потребите на македонските домаќинства и индустрија. Но, Јужен тек беше откажан откако Бугарија се најде притисната од Европската Унија и од САД да не ја дозволи неговата изградба, по што почна потрагата по алтернативни патишта преку кои рускиот гас би бил испорачан во Европа, без да минува низ територијата на Украина каде испораката е неизвесна поради воената криза. Русија има и гасоводи кои минуваат преку Белорусија на патот до европските потрошувачи, а го има и гасоводот Северен поток, преку кој директно и испорачува гас на Германија, поврзувајќи ги двете земји под Балтикот.