Македонија

Изградбата на нова патна инфраструктура за поголема безбедност во сообраќајот

Изградбата на нова патна инфраструктура за поголема безбедност во сообраќајот

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ  ја дава својата безрезервна поддршка за изградба на нова и реконструкција на постоечката патна инфраструктура низ територијата на Република Македонија, изјави пратеничката Ане Лашкоска.

„Обезбедените средства со Програмата за национални патишта се предвидени за изградба и реконструкција на повеќе делници низ целата територија на Република Македонија. Како пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кој што доаѓа од Прилепскиот регион, би се задржала на проектот за изградба патниот правец на ниво на експресен пат, од мостот на р. Раец до клучката Дреново кој што веќе е влезен во собраниска процедура и ќе ја добие поддршката од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Овој експресен пат, ќе започнува веднаш по кракот на магистралниот пат Прилеп – Градско, кој се одвојува од левата страна кон Општина Кавадарци. Експресниот пат од р. Раец до Дреново (Градско) претставува дел од патот Градско – Прилеп. Делницата Раец – Дреново ќе биде во должина од 10,2 км односно 5 км со ширина од 12,4 метри, 4 км со ширина од 17 метри и последните 1,2 км кај клучката Дреново ќе бидат со ширина од 25,4 метри. Битно е да се нагласи дека токму овој дел од патот од Градско до Прилеп претставуваше една од најопасните црни точки кои што со овој проект ќе биде минато и ќе се обезбеди поголема сигурност и безбедност во сообраќајот“, истакна Лашкоска.

Патниот правец од мостот на реката Раец до Дреново ќе се гради според сите најмодерни безбедносни и сообраќајни стандарди кои се предвидени за изградба на пат од ваков тип, односно на овој експресен пат ќе бидат изградени четири ленти, по две во секој правец.

Освен средствата обезбедени за патниот правец Раец – Дреново, обезбедени се средства и за експресниот пат Штип – Кочани, Охрид – Пештани, како и за изградба на автопат Струга – Требеништа.