Македонија

Изградбата на новите автопатишта ќе почне во првиот квартал од 2014

Изградбата на новите автопатишта ќе почне во првиот квартал од 2014

Во првиот квартал од следната година се очекува да бидат поставени камен темелници за изградба на новите автопатски делници Миладиновци – Штип и Кичево Охрид, рече денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски, најавувајќи ги подготвителни активности и додаде дека се работи на експропријација на земјиштето, кое добива на вредност поради изградбата на автопатот.

„Засега нема проблеми при експропријацијата бидејќи со самата градба на патиштата вредноста на земјиштето што е покрај автопатот расте“, рече тој.

Од наплата на патарина годинава Јавното претпријатие за државни патишта собрало 1.315.000.000 денари, што претставува зголемување во однос на 2012 и 2011, кога по тој основ се наплатени 1.152.000.000, односно 1.053.000.000 денари.

Во завршна фаза, како што рече тој, се преговорите со заинтересираните субјекти за осовременување на патарините со воведување нов систем. Веќе е усвоен изгледот на идните патарини и е проследен до сите апликанти што се јавија на тендерот, којшто се одвива во две фази.

„Очекувам веќе до крајот на годината да биде доставена целокупната докуметација од сите што се јавија на тендерот, повеќето се меѓународни фирми и после тоа им ги доставуваме проекти за да во втората фаза дадат и цена за градба. Се надевам до крајот на февруари веќе да имаме склучено договор за да може да се почне со реализација. Првата точка за реалииација секако ќе биде наплатната станица Романовце каде годинава имавме тесни грла во одредени временски период особено околу август во тек на годишните одмори“, рече Георгиевски.

Според него, веќе се реализирани 36 проценти од предвидените активности за изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, во должина од 28 километри, проект во вредност од 210 милиони евра. Се работи на пробивање на два тунела. На првиот тунел се пробиени 27 проценти, а на вториот 22,8 проценти. Пробиени над 90 проценти од земјените работи и веќе е почнато и асфалтирање.

„Во 2013 година, е завршена изградбата на 145 километри локални патишта, во вредност од 13,4 милиони евра, како и на 14 магистрални и регионални патни правци во должина од 148 километри, во вредност од 1,610 милиони денари. Во активностите што ЈП за државни патишта ги презело за санација на мостови се вложени 1,3 милиони евра. Се работи и на проектирање на 193 километри патишта во вредност од 11 милиони евра. Во следниот период предмет на проектирање треба да бидат 121 километар. Во осветлување на патиштата, државното претпријатие вложило 106 милиони денари, со кои се осветлени 20.516 метри. Вкупно за безбедност на сообраќајот и сигнализација се одвоени 169,1 милион денари“, додаде тој.