Изградени и реконструирани 404 локални патишта

Комплетно го завршивме проектот за изградба и реконструкција на локалната патна мрежа во Република Македонија, кој го спроведуваме од 2010 година до денес. Изградивме и реконструиравме 404 локални патишта со вкупна должина од околу 740 километри или во вредност од околу 65 милиони евра.

Ова денеска го истакна министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, кој заедно со градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски ја пуштија во употреба улицата „Горно Лисиче“, во должина од 1,6 километри.

– Ќе продолжиме со реконструкција и рехабилитација на локални патни правци, на регионалните и магистралните, како и на изградба на автопатите. Оваа година ќе бидеме фокусирани на патната инфраструктура, пред се изградба на пет нови експресни патишта со проценета вредност од околу 328 милони евра, соопшти Мисајловски.

Министерот за транспорт и врски рече дека сите годинава ќе се почнат да се работата, а паралелно ќе се работат и автопатите. Според него, сите граѓани ќе имаат придобивка од реализацијата на експресните патишта.

За дел од нив, како што рече, веќе почнавме постапки, веќе се распишаа тендери, а за останатите ќе се распишуваат следниот период.

Мисајловски најави дека ќе почнат со реконструкција на уште шест регионални патишта во вкупна должина од околу 84 километри или инвестиција од околу 45 милиони евра. Генерално во 2016 година активно ќе се работи на вкупно 24 регионални патишта и седум автопати со вкупна должина од околу 600 километри.

Улицата „Горно Лисиче“ е дел од проектот на Владата за изградба и реконструкција на локални патишта во Република Македонија, а инвестицијата е вредна 13,5 милиони денари. Улицата е реконструирана на потегот од „12 Македонска бригада“ до црквата „Св. Петар и Павле“.

– Минатата година со премиерот Груевски најавивме дека 48 локални патишта ќе бидат завршени. Сите 48 локални патишта што беа во нашата програма се целосно завршени. Само во општина Аеродром лани инвестираме преку 20 милиони денари што со одличната соработка со градоначалникот Ивица Коневски успеавме да реализираме два капитални проекти за оваа општина, рече Мисајловски. Во 2015 година реконструиран е и локалниот пат „Тодор Чангов“ во должина од 1,6 километри и инвестиција од 8 милиони денари.

Градоначалникот Коневски потсети дека годинава објавиле тендер за целосна реконструкција на улицата „Ѓорѓи Капчев“.

– Во 2016 година ќе продолжиме заедно со Министерството за транспорт и врски и Владата да работиме на целосна реконструкција на улиците во Горно Лисиче и во општина Аеродром, рече Коневски и додаде дека очекува до крајот на годината да се заврши со реализација на сите овие проекти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.