Изградени се 74 нови, а реконструирани 400 училишта

-Се работи за сфера која беше исклучително запуштена и затоа ни требаа големи чекори напред. Буџетот во образование го зголемивме за 72,3%. Веќе седма година по ред спроведуваме концепт на бесплатно образование – односно бесплатни учебници за сите ученици во основно и средно образование, за што досега се вложени повеќе од 40 милиони евра. Овој концепт ќе продолжи да се спроведува и понатаму. Обезбедивме и бесплатен превоз за учениците коишто посетуваат училишта кои се оддалечени повеќе од 2,5 километри од нивните домови. Воведовме наставни програми Кембриџ во Македонија. Тоа донесе еден нов квалитет, рече Груевски.

Заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски потенцира дека досега се изградени 74 нови училишта, а околу 400 темелно се реконструирани.

-Тоа во средства изнесува 50 милиони евра инвестирани за подобрување на инфраструктурата во образованието. Инвестиција која што не може ни да се спореди со тоа што било порано бидејќи не се памти кога било пред 2006-та година изградено последното училиште. Кога говориме за периодот што следува, оваа година ќе завршиме со изградба на две нови училишта, планираме отпочнување на 6 нови училишта кои заедно на терен ги имаме најавено и ветено на граѓаните, а исто така 60 училишта ќе бидат темелно реконструирани. 20 се веќе завршени, 20 се во фаза на реконструкција, а уште 20 во летниот период, рече Ристовски.

Тој потенцира дека досега се изградени 51 училишна спортска сала, годинава ќе завршат со изградба на 9, а ќе почне градба на нови 9.