Излевањето на нафта во Арава е најголемата еколошка кататрофа во Израел

Минатонеделното излевање сирова нафта во пустината Арава е поголемо отколку што првично се проценуваше, соопшти израелската нафтоводна компанија „Ејлат Ашкелон“, а експертите веќе го означија инцидентот за најголема еколошка катастрофа што Израел некогаш ја видел, објави МИА.

„Количината сирова нафта што се излеа во пустината Арава е 60 проценти поголема отколку што беше соопштено на почетокот“, го пренесоа израелските медиуми соопштението на компанијата, која прво соопшти дека се излеале 1,5 милиона литри нафта, а подоцна процени дека станува збор за три милиона.

Меѓутоа и оваа бројка дополнително беше променета на цели пет милиона литри, излеани од нафтоводот во ноќта меѓу 3. и 4 декември.

Официјални претставници на Министерството за екологија изјавија дека од самиот почеток се сомневале во податоците што ги објави компанијата.

Во меѓувреме, за да се намали штетата, веќе се отстранети околу 13.000 тони загадено земјиште, но неделава се очекуваат дождови што предизвикува загриженост дека загадувањето може да се прошири дури и до летувалиштето Ејлат, на Црвено Море. Таму има корални гребени што можат да бидат оштетени и затоа се поставуваат брани, со кои треба да се спречи натамошното истекување на нафтата.

– Тоа е најголемата еколошка катастрофа што Израел ја видел, поради самиот материјал, сировата нафта и местото на излевањето -рече Гилад Голуб од израелската компанија за еколошки услуги, алудирајќи на фактот дека нафтата се излеа во природен резерват.

Жителите на Ејлат веќе поднесоа тужба против компанијата што го одржува нафтоводот, истакнувајќи дека поради негрижа е предизвикана огромна штета. Се бараат 55 милиони долари за санација на животната средина, како и дополнителни 45 милиони долари отштета за 48.000 жители на Ејлат поради нарушување на здравјето и непријатности предизвикани од еколошката катастрофа.

По излевањето на нафтата повеќе од 80 лица од двете страни на израелско-јорданската граница се пожалија на здравствени проблеми и тешкотии во дишењето.