Излезни анкети во Франција: Макрон и Лепен влегуваат во вториот круг од претседателските избори

(© REUTERS / Philippe Laurenson)

Проевропскиот центрист Емануел Макрон и антиевропската кандидатка на крајната десница Марин Лепен со тесна разлика се квалификувале во вториот круг од француските претседателски избори, покажува првичната процена на институтот Ipsos по направените излезни анкети по затворањето на гласачките места.

Според излезните анкети, поранешниот министер за економија и основач на центристичкото движење „Напред“, Емануел Макрон, освоил 23,7 отсто од гласовите, додека шефицата на крајната десница Национален фронт, Марин Лепен, добила 21,7 отсто од гласовите. Третиот фаворит, поранешниот премиер и кандидат на најголемата опозициска партија Републиканци, Фраnсоа Фијон, освоил 19,5 отсто, според процените на Ipsos.

Во друга излезна анкета Макрон и Лепен се речиси изедначени со до 23 отсто од гласовите, а Фијон и кандидатот на левицата Жан-Лук Меланшон до 19,5 односно 19 отсто.

Коментирајќи ги првите процени, Макрон изјави дека Франција денеска „ја превртува страницата во својот политички живот“.

Од штабот на Лепен првичните резултати од гласањето биле проследени со интонирањето на химната на Француската (Петта) Република – познатата „Марсељеза“. Портпаролот на Лепен, Дејвид Речлин, изјави дека гласањето во вториот круг ќе претставува „референдум за глобализацијата“.

Доколку биде избран за шеф на државата, Емануел Макрон ќе стане најмладиот претседател во историјата на Франција, во декември ќе наполни 40 години. Минатата 2016 година тој го основаше движењето „Напред“ (En Marche!), а во ноември ја објави својата одлука да се кандидира за претседател.

Едни од неговите клучни ветувања беа намалувањето на невработеноста, зголемување на минималните пензии и инвалидското осигурување. Макрон, исто така, се залага за зголемување на воените трошоци, обновување на задолжително служење на воениот рок и порешителна борба со тероризмот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.