Изложба на книги од 30 писатели кои половина век членуваат во ДПМ

Друштвото на писателите на Македонија, кое за неколку дена ќе одбележи 70 години постоење, има 540 членови, а од нив триесет членуваат повеќе од половина век.

Тоа се писателите: Матеја Матевски, Цане Андреевски, Методија Фотев, Милан Ѓурчинов, Илхами Емин, Благоја Иванов, Влада Урошевиќ, Јован Павловски, Георги Сталев, Оливера Николова, Радован Павловски, Душко Родев, Георги Старделов, Божин Павловски, Михаил Ренџов, Јован Стрезовски, Видое Видически, Фахри Каја, Миле Неделкоски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Владимир Костов, Луан Старова, Ристо Јачев, Иван Ивановски, Нусред Дишо, Трајан Петровски, Стојан Тарапуза, Иван Чаповски, Александар Поповски и Милан Терзовски.

ДПМ соопшти дека по повод својот роденден на посебна манифестација ќе изложи избор од десетиците книги на овие писатели затоа што нивните естетски дострели, како што посочува, претставуваат константа на богатиот и буен развој на современата македонска литература.

– Станува збор за автори кои во изминатите децении оставија силен печат во развојните процеси на македонската литература и литературата на националностите, во областа на романот, расказот, поезијата, драмата, критиката, есеистиката, книжевната наука и литературата за деца, наведува македонската писателска асоцијација.

Друштвото на писателите на Македонија е формирано на 13 февруари 1947 година. Седумте децении постоење ќе ги одбележи со свечен собир на 16 февруари од 12 часот.

На свеченоста ќе бидат врачени наградите „Ацо Шопов“, „Стале Попов“, „Димитар Митрев“ и „Ванчо Николески“ за најуспешни книжевни дела во 2016 година, на писателите Гордана Михаилова-Бошнакоска, Лилјана Пандева, Кристина Николовска и Александар Поповски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.