Изложба на пронајдоците од археолошките истражувања во 2015 година

Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) ја организира деветтата годишна археолошка изложба. Во рамки на годинешната археолошка изложба ќе бидат презентирани пронајдоците откриени од годинашните истражувања на археолошките локалитети низ Македонија.

„Археолошка изложба 2015“ вклучува повеќе стотици артефакти од десетици археолошки локалитети, некои познати во научната сфера, а некои кои се откриени во оваа година, пишува МИА.

Со проектот „Археолошки катастар на Република Македонија“ се изведени интензивни теренски активности на старите градови и тврдини во територијата на Македонија. Пронајдени се стотици сребрени и бронзени монети од антиката и средниот век, како и други археолошки наоди. Околу педесет проценти од истражуваните локалитети се првпат откриени токму во 2015 година, информира УЗКН.

Значен дел од поставката заземаат наодите од истражувањата на античкиот театар во Скупи – најголемиот антички театар во Македонија и пошироко, кој минатата година беше целосно археолошки истражен, и започната е конзервација на сценската зграда.

Поставката ги вклучува и веќе добро познатите наоѓалишта – античките цивилизациски градски центри: Билазора кај Свети Николе (каде што се истражува т.н. владетелска палата од 4 и 5 век п.н.е.); извонредно богатиот пајонско-македонски град на Градиште кај селото Младо Нагоричане, Кумановско; античкиот град Стибера во областа Девриоп; потоа Пелагонија, главен град на истоименото античкото кралство, на локалитетот Старо Бонче, Прилепско; праисториската опсерваторија Кокино во Кумановско; првпат годинава античкиот град во Кичево, на локалитетот Китино Кале во Кичево и Еминбеговата кула во Кратово.

Истражувањата на споменатите локалитети се дел од капиталните проекти на Владата на Република Македонија, во координација на Управата за заштита на културното наследство, и се реализираат преку установите: Археолошки музеј на Македонија; Музеј на град Скопје; Филозофски факулетет – Скопје; заводите и музеите од Прилеп и Охрид; Музеј – Куманово; Народен музеј – Свети Николе; Музеј на град Кратово и Институт за старословенска култура – Прилеп.