Изложба на слики од Димче Исаиловски во Матица

Во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“, на 1-ви јуни, (среда) во 19:00 часот ќе биде отворена изложбата на слики од академскиот сликар Димче Исаиловски.

Авторот ќе се претстави со триесет и шест дела од ноговото богато творештво. Во оваа пригода ќе биде промовирана и монографија посветена на ликот и делото на познатиот сликар.

Изложбата ќе ја отвори писателот Паскал Гилевски.

Димче Исаиловски спаѓа во редот на истакнатите современи македонски сликари од средната генерација. Роден е во 1960 година во Скопје. Во 1985 г. дипломирал со највисоки оценки на Факултетот за ликовни уметности-отсек за сликарство при Универзитетот „Кирил и Методиј“, во класата на проф. Димитар Кондовски. Има реализирано дваесет самостојни изложби, а направил и повеќе самостојни мултимедијални проекти. Бил на студиски престој во Франкфурт, Болоња, Венеција, Париз, Истанбул и Анкара. Во САД и Канада реализирал самостојни изложби во Торонто, Отава, Вашингтон и Њујорк.

Со оваа излoжба „Матица македонска“ ја продолжува востановената традиција да ги афирмира високите вредности на македонските сликари и уметници. Во овој престижен салон на културата и уметноста во изминативе три години со свои дела се претставија академските сликари Васко Ташковски, Газанфер Бајрам, Глигор Чемерски, Коле Манев, Владо Георгиевски, Стефан Хаџи Николов, Симон Шемов, Павле Кузмановски, Новица Трајковски, Ниче Василев, Драги Хаџи Николов-Аџи, Димитар Малиданов, Владимир Темков, Решат Амети и скулпторите Боро Митриќески и Илија Аџиевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.