Изложбата на Маја Кировска „Спектрум“, во Португалија

Изложбата „Спектрум” на македонската уметница Маја Кировска која првпат беше претставена во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Македонија пред повеќе од две години, следниот период по покана на Мадина Зиганшина, основач и куратор на проектот АРТ-МАП, кој во 2017 се реализира во Брага во Португалија, ќе биде претставена на оваа манифестација, со поставка во зградата на старата Комерцијална школа во центарот на Брага.

Настанот се одржува на повеќе локации во историски згради и музеи во Брага како Palácio do Raio (Gallery of Misericórdia), Museum of the Image, Галеријата на станицата, галеријата на Mestre Alberto Vieira и т.н. Свеченото отворање на настанот е во сабота, 22 јули, 2017 година во Библиотеката Lúcio Craveiro, од каде посетителите организирано ќе ги посетат поставките на сите локации, а ќе трае до 6 септември 2017.

На изложбата „Спектрум” на Маја Кировска ќе бидат претставени инсталациите насловени „Сино”, „Филтер” и „Не е сè така розово”. кои се комплексни инсталации составени од повеќе елементи и употреба на повеќе медиуми како фотографија, аугментирана реалност, објекти и дигитален принт, додека делото „Не е сè така розово” е видеоанимација, која е предвидено да се гледа преку специјални очила.

„Се чини дека епохата минува, а уметниците никогаш не биле помалку обземени од визуелниот континуитет на нивните концепти, туку повеќе од прашањата што предизвикале да се појават тие концепти. Сега не е доволно да се види едно дело или да се види една изложба за да се запознае уметникот, возбудливо е да се набљудува еволуцијата на уметникот и важно е да се знае што знае уметникот.

Тоа звучи како парадокс во нашата ера на изобилство на информации: дали има нешто што не знаеме? Дали има нешто ново што можат да ни кажат уметниците? Новитетот, сепак, се чини дека менува една од застарените идеи, оставајќи простор за некој вид концептуален реализам, каде што уметничката задача е во презентирање на реалноста, наместо во нејзино толкување: нема време, нема потреба да се манипулира со информациите, туку можеби постои чувство да се привлече вниманието. Во таа смисла, Маја Кировска е современ уметник, таа е толку претпазлива кон промените во светот и тоа ја тера да се менува, да менува материјали, пристапи и зборови; таа всушност ги опишува промените со кои се соочува современиот свет и се надева дека тоа може да помогне да се смени нешто. Овој пат, во фокусот е спектарот на животот: она што го гледате е сина морска вода или најлонски кеси? Она што го гледате е планина од злато или парче од термичко ќебе? Она што го гледате се чамци или хартија? Она што го гледате е ваша реалност или реалност на другиот? Вистината е двосмислена, во зависност од тоа кои очила ги носите сега, реалноста е „Спектрумот”, ние одлучуваме што гледаме.” вели Мадина Зиганшина, куратор и организатор на проектот АРТ МАП, за изложбата „Спектрум” на Маја Кировска.

„Проектот на Маја Кировска насловен „Спектрум” повторно се базира врз можноста за избор, во конкретниот случај сопствениот свесен избор на реалноста околу нас, но и обидите за дефинирање на самиот овој поим. Преку за неа препознатливи комплексни просторни инсталации Кировска создава ситуации во кои различните реалности, виртуелната и конкретната/ физичката се допираат преку анимации, фотографии, цитати, маркери за локации… со можност за одвоено исчитување и сепак по не нужен редослед. Ангажирано допирајќи до темите хуманост, реалност и личен избор, и поставувајќи повеќе етички прашања за нашата (не)заинтересираност во однос на прашањето за денешните миграции, но и дисбалансот помеѓу човекот и природата и уништувањата генерално, авторката врз принципот на интерактивност го соочува посетителот со Другиот и со самиот себе си.” – Маја Чанкуловска-Михајловска

„Изложбата става во фокус некои од најакутните проблеми на денешницата, како што се бегалската криза, војните, состојбата на човековиот ум, дисбалансот помеѓу човекот и животната средина и т.н.. Сите нив ги посочува, ги разгледува од различни аспекти и поттикнува на размислување за причините, но и за можните решенија во иднина, за се она што ние како единки и колектив можеме да го направиме”, вели Маја Кировска, автор на изложбата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.