Изложба и дружење со Пипи Долгиот Чорап на Саемот за книга

Амбасадата на Шведска во рамките на Саемот на книгата денеска ќе ја отвори изложбата „Шведската крими сцена“ и организира дружење со Пипи Долгиот Чорап, објави МИА.

Изложбата ќе биде отворена до 11 мај, на штандот на амбасадата во халата 1, а посетителите, како што соопшти Шведската Амбасада, ќе ги однесе на патешествие низ прекрасниот швајцарски пејсаж, од север до југ. Ќе ги запознае со писателите на крими литературата и нивните дела, преведени на повеќе од педесет светски јазици, меѓу кои и на македонски и албански.

Во детското ќоше на штандот на Амбасадата најмладите ќе може да се дружат со Пипи Долгиот Чорап преку приказните за неа, да цртаат и да се забавуваат, со што ќе биде одбележан 70-тиот роденден на детската хероина од книгите на Астрид Линдгрен.

Дечињата кои, како и Пипи, ќе дојдат со различни чорапи, ги чека изненадување.

Утре шведскиот писател и поранешен дипломат, Андреас Норман, кој се проби на шведската крими сцена со својата бестеселер книга „Во разбеснетиот оган“ ќе одржи предавање на тема „Што е потребно за да се напише бестселер трилер“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.