Изложба на фотографии „Жените и фотографијата“

Во кумановскиот центар за култура вечерва беше отворена изложбата на уметнички фотографии „Жените и фотографијата“, пренесува МИА.

Љубителите на уметничката фотографија имаа можност да разгледаат околу 40 фотографии црно бели и во боја, изработени од дваесетина фотографи. Организатор на изложбата е фото клубот „Куманово“.

– Изложбата се организира по втор пат во чест на Меѓународниот ден на жената, но овој пат со мало задоцнување. Жените фотографи презентираат свои дела на слободна тема, изјави Софија Петковска претседател на клубот.

Жаклина Стефановска член на кумановскиот клуб вели дека учествувала со две фотографии на кои презентира моменти од минатогодишното жнеење на оризот во Кочани.

– Во иднина можно е изложбата да биде презентирана и во други градови, бидејќи имаме учеснички од неколку клубови од Македонија, информира Марина Крстиќ,  член на фото клубот „Куманово“.

За фотографката Каролина Ди оваа е можност каде жените фотографи успеваат да разменат искуства и идеи, но и да се увидат напредувањата во однос на изложбата од минатата година.

На годинешнава изложба,покрај,членови на фото клубот „Куманово“ учествуваа и фотографи од клубови од Битола, Прилеп, Кавадарци, Крива Паланка и Кичево.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.