Изложба на сценографии од Живојин Трајановиќ

Националната галерија на Македонија, вечер во објектот Мала станица во рамки на „Скопско лето“ ќе отвори изложба на сценографии од академскиот сликар и сценограф Живојин Трајановиќ, со која ќе бидат одбележани 40 години од неговото професионално творештво.

Изложбата ќе опфати идејни решенија за голем број претстави, презентирани во вид на скици. Концепциски е поделена на драмски, балетски, а најголем акцент е даден на оперскиот дел, бидејќи речиси целиот работен век Трајановиќ го поминал како сценограф во Македонската опера и балет.

Изложбата ќе презентира и реализации на музички ТВ-емисии, концерти и повеќегодишни сценографски решенија за Струшките вечери на поезијата. Скиците се изработени во различни техники: молив, темпера и компјутерска обработка.

Живојин Трајановиќ (Табановце, 1948) студирал музеологија во Белград, а дипломирал сценографија на Художествената академија за применета уметност во Софија (1976). Во неговиот опус се стотина сценографски проекти за различни видови сцени и медиуми. Во МОБ работи од 1978 кога му било доверено да направи сценографија за операта „Бал под маски“ на Верди. Решението било оценето како извонреден успех и тој бил повикан да работи во таа институција.

„Сценографијата е значајна компонента во процесот на создавање на една театарска претстава. Таа е нејзин интегрален дел, а формално и првиот контакт со публиката. Сценографијата е прва која сугерира и навестува што ќе се случува на сцената. Таа на универзален начин ги отстранува сите јазични бариери. Сценографијата и костимографијата треба да бидат посебни гранки на ликовната уметност и нивната примена во театарот да се вреднува и третира како и другите вредности во една театарска претстава“, вели авторот по повод ретроспективата на неговото четиридецениско творештво.