Магазин

Изложба на тројца млади ликовни уметници во Кавадарци

Изложба на тројца млади ликовни уметници во Кавадарци

Во четврток, на 28 мај 2015, со почеток од 20 часот, во ликовните салони на Музеј Галерија Кавадарци ќе биде отворена заедничка изложба на тројца млади, но веќе етаблирани ликовни уметници на кавадаречката и македонската ликовна сцена. Со дела од нивните последни работни циклуси пред кавадаречката ликовна јавнoст ќое се претстават Горан Боев, Ива Јосифова и Трајче Јованов – сите од Кавадарци. Делата со кои се претставуваат за првпат се појавуваат пред јавноста.

Горан Боев (1982) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, одсек сликарство во класата на Благоја Маневски, а магистрира на истиот факултет под менторство на Симон Шемов. Член е на ДЛУМ и на ДЛУК. Зад него има повеќе самостојни изложби и учества на Меѓународни ликовни колонии, како и на групни изложби во Македонија и странство. На изложбата се претставува со повеќе оригинални акварели инспирирани од урбаните пејсажи на Париз и Милано, каде имаше повеќемесечен студиски престој.

Ива Јосифова (1980) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, одсек сликарство со рачно правена хартија во класата на Симон Шемов. И зад неа има повеќе самостојни изложби, дел и во странство, како и учества на бројни Меѓународни ликовни колонии. Актуелен Претседател е на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК). Член е на ДЛУМ. На изложбата се претставува со оригинално одработени теми од екологијата на рачно изработена хартија, а кои се дел од циклусот “Мирисот и душата на дрвото“ и преку нив природата ја внесува во галерискиот простор.

Трајче Јованов (1990) иако најмлад од тројцата автори, веќе сигурно чекори на ликовната сцена, особено преку соработката со најдобрите и најпознатите кавадаречки ликовни уметници. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности- Скопје одсек графика со модул конзерватор и реставратор во класата на Димитар Малиданов. Член е на ДЛУК, на Уметничката група “Сокол Арт“, како и ликовен координатор на активностите на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“. Учествувал на повеќе меѓународни ликовни колонии и групни изложби во Македонија. Кон крајот на оваа година се очекува неговата прва самостојна изложба, а на изложбата се претставува со оригинални графики и цртежи, од циклусот кој започна со неговото дипломирање во 2013 година.

2 3