Магазин

Изложба на Зоран Попоски во Хонг Конг

Изложба на Зоран Попоски во Хонг Конг

Самостојна изложба на македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски насловена „Преведување на Хонг Конг“ ќе биде отворена во Галеријата ЦЦА во Хонг Конг, во периодот 3-30 април 2015. Попоски се претставува со графички дела во комбинирана техника на платно и хартија, како и видео, создадени во изминатите две години.

Делата од овој проект претходно беа прикажани на повеќе меѓународни изложби, меѓу кои групна изложба во Њујорк жирирана од познатата кураторка Елизабет Сасман од Музејот Витни во Њујорк, јубилејното 30 Биенале на графика во Љубљана под кураторство на д-р Дебора Кален (Универзитет Колумбија, Њујорк), како и на меѓународни уметнички фестивали во Данска, Словенија, Италија, итн.

Ова е тринаесетта самостојна изложба на Зоран Попоски, кој досега има реализирано повеќе од 60 меѓународни изложби. Негови јавни уметнички проекти се презентирани на ЛЕД екрани, постери и билборди во Њујорк, Скопје, Даблин, Хонг Конг, итн. Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.

Зоран Попоски  магистрирал уметност во нови медиуми, а докторирал студии на културата.