Изложба „Писаното на битолската везилка“ на БитФест

Во организација на НУ Центар за култура-Битола и Здружението „Етнокреатив“, а во рамките на битолското културно лето „БитФест“ вечер во градот ќе биде отворена изложба на тема „Писаното на битолската везилка“.

Павлина Јовановска од „Етнокреатив“ посочи дека станува збор за манифестација посветена на битолските везилки, кои ќе ги изложат своите најнови креации и кои во наредните денови ќе продолжат да творат на тема „Направи и понеси сувенир со битолски народен вез“ за што се подготвени неколку работилници.

– Со иглата и боите на конецот да се слика врз бело платно треба многу време, трпение и желба, но ако во таа авантура по таинствената патека од памтивек, се чекори со љубов, душата ќе ти се исполни со воодушевувања од богатството на орнаментите, боите и техниките. Само тогаш може да се слушне аманетот во писаното од битолската везилка, оставен од дамнина, за незаборав на везот наш македонски, истакна Јовановска во пресрет на вечерашниот промотивен настан.

Изложбата „Писаното на битолската везилка“ која ќе биде поместена и отворена во НУ Центар за култура-Битола претставува воведна културна манифестација на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ кој утре почнува во овој град.

– Изложбата и работилницата посветени на народната носија и вез кои ги реализираме во соработка со Здружението „Етнокреатив“ се дел од едукативните содржини на фестивалот преку кои ќе го афирмираме стариот битолски вез, но и луѓето кои што сега творат во таа насока, го чуваат тој вез и создаваат одредени сувенири кои како недостаток може да се надоместат само на ваков начин, информираа од НУ Центар за култура-Битола.