Магазин

Изложбата „Жени“ од денеска на битолски Широк сокак

Изложбата „Жени“ од денеска на битолски Широк сокак

Инспирирана од женската голотија, силата на жената и мајката природа, денеска на битолски Широк сокак е претставена изложбата “ЖЕНИ” на Сунита Фишиќ. Изложени се 18 уметнички слики пред Домот на АРМ како дел од 13-тото издание на Интернационалниот младински арт фестивал “Битола Отворен град 2014” во организација на МКЦ Битола.

Сунита Фишиќ е уметник од Сараево, Босна и Херцеговина. Техниката која ја користи за илустрирање е водена боја. Секој потег со четкичката е транспарентен и видлив, а секоја добиена форма од препокриени бои за добивање на специјален ефект е со рамка од црни контурни линии. Таа користи сличен начин на илустрирање како кај дигиталните цртежи. Покрај сликар, таа е и уличен уметник кој експериментира со различни уметнички техники и материјали. Сунита ја пронаоѓа својата инспирација за илустрирање на женската голотија и во астрологијата и технологијата. Битолчани ќе можат да се дружат со авторката вечерва после 20 часот.

Фестивалот “Битола отворен град” е поддржан од ONE и Градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.

Инаку, утре, 27.06.2014 година, спроти Домот на АРМ со почеток во 11 часот ќе се одржи креативна работилница за графити во чии рамки ќе творат Сунита Фишиќ, Кенан Хаџимусиќ, Ања Маричиќ и Амер Дориќ, кои доаѓаат од Сараево, Босна и Херцеговина.

Во овој дел на Широк сокак подолго време има графити со недолична содржина, а преку оваа активност целта е да се покаже како просторот може да се уреди преку улична уметност.

Овие уметници ги декорираа улиците на нивните и други градови ширум Босна и Херцеговина и секој од нив има различна експресија, но сличен сензитивитет што ги прави одличен тим. Секоја нивна слика e различна и носи одделни приказни, а темите на нивната работа се базираат на приказни од иднината, универзумот и замислени светови и суштества.

Уметниците велат дека причината поради која тие уживаат во ваквиот начин на уметност е заради тоа што улицата овозможува поголема публика и јасно пренесување на емоции и пораки.

Во последниве неколку декади, бројни уметници развија нови стилови базирани на работата на уметниците од типот на Андреа Матегна, МС Ешер, Микеланџело, Ханс Холбејн и други.