Измени во „Фискална во рака награда без мака“, 13 наместо девет извлекувања

Ново извлекување од наградната игра „Фискална во рака награда без мака“ ќе се одржи во понеделник на 27 јануари. Ова е второ од предвидените вкупно 13 извлекувања во кои учествуваат фискални сметки издадени по 15 ноември 2013 година.

Од Државна лотарија на Македонија соопштуваат дека интересот е голем од граѓаните за учество во наградната игра и оти за ова извлекување може пликовите со собрани 20 сметки да ги испраќаат до 26 јануари до 24 часот.

Во второто извлекување ќе се доделат бројни вредносни ваучери и еден автомобил, како и во третото, четвртото, петтото и шестото, а сите неизвлечени коверти од овие извлекувања ќе учествуваат во седмото извлекување кое ќе се реализира на 30 јуни 2014. кога покрај вредносни ваучери и автомобил ќе се извлекуваат и еден стан и еден дуќан.

Првото извлекување се одржа на 30 декември 2013 кога  беа доделени вкупно 153 награди меѓу кои беа првиот стан, дуќан, автомобилот Пежо 208, велосипеди, компјутери, фотоапарати, бела техника, аудио и видео техника.

Добитниците на вредносните ваучери од првото извлекување, ваучерите може да ги подигнат од благајната на Државна лотарија на Македонија во Скопје, а голем дел од нив тоа веќе го сторија и веќе ги подигнаа и своите производи од продажните места на соработниците.

Сите добитници на ваучери во вредност до 5.000 денари, кои не се од Скопје, а се оневозможени својот ваучер да го подигнат од благајната на Државна лотарија на Македонија, своите ваучери ќе ги добијат со препорачана пошта на адресата која ја навеле на листот со личните податоци. За таа цел треба добитниците да се јават во контакт центарот на Државна лотарија на Македонија на телефон 323 77 77  во работни денови од 8 до 20 часот.