Измените на законите за служба во АРМ и за стечај пред пратениците

Собранието денеска ја продолжuва работата по 84-та седница на која на дневен ред се Предлог-законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија и измените на Законот за стечај, двата по скратена постапка.

Со измените се предвидува околу 3.000 стечајци да добиваат месечен надоместок од 7.100 денари, додека околу 4.000 војници по завршувањето на службата во АРМ да бидат ангажирани во државните институции.

Меѓу точките се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија и по Предлог-законот за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светската банка по Договорот за заем за Вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност, сите по скратена постапка.

По скратена постапка треба да се донесат и измените и дополнувањата на Законот за учебници за основно и средно образование, на Законот за минерални суровини, на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и за измените на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги

Меѓу точките за кои ќе се дебатира се и предлог-законите кои се обележани со европско знаменце и тоа за електронските комуникации, за националната инфраструктура на просторните податоци на РМ и за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, сите во прво читање.