Измените на Законот за административни службеници пред пратениците

Пратениците на денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците дебатираа за измените и дополнувањата на Законот за административни службеници, во прво читање.

Законот за административни службеници беше донесен минатата година во февруари со едногодишно одложено стапување во сила. Сегашните измени, како што посочи заменик – министерката за информатичко општество и администрација Марта Томовска – Арсовска, предвидуваат воведување нов систем за оценување на работата на административците „360 фидбек“, преку кој меѓусебно ќе се оценуваат вработените во админитрацијата, но и од страна на граѓаните. Системот на оценување ќе биде уреден со подзаконски акт и, како што појасни Томовска, не е целосно објаснет во законот. Пет отсто од вработените кои ќе бидат на врвот на ранг листата ќе бидат наградени со уште една плата, додека оние пет отсто што ќе бидат на крајот на оваа листа ќе бидат казнети.

Арсовска – Томовска појасни дека со измените и дополнувањата на законот се врши промена на описните називи на оценките во нумерички, заради намалување на можноста за субјективизам при толкувањето. За вработените кои се вработуваат во институцијата во текот на првата половина на календарската година, а со оглед на фактот што работните цели и задачи се планираат во претходната година за следната, се доразработува постапката и се овозможува нивно оценување врз основа на претходно поставени параметри.

Во однос на одлуките за изрекување дисциплински мерки, се воведува обврска да се наведе прецизниот датум од кога се извршуваат со цел да не бидат предмет на застарување. Се врши и усогласување на законот со Законот за работните односи во однос на стекнувањето на старосна пензија, а се дава и правен основ за донесување уредба со која ќе се уреди начинот на пресметка на патните, дневните и другите трошоци, како и уредба за допрецизирање на постапката за селекција, која претходно беше предвидено да биде уредена со правилник. Се допрецизира и начинот на исплата на делот од плата кој се однесува на стекнато образование. Се уредува и статусот на административните службеници  кои до денот на отпочнување со примена на овој закон се распоредени на работни места за кои не го исполнуваат посебниот услов за стручни квалификации. Се дополнуваат и прекршочните одредби со давање основ за изрекување прекршочна мерка за непочитување на одредбите од овој закон.

Сертификатите за познавање англиски јазик и компјутерски програми вработените административци треба да ги имаат до 2017 година.

– Моделот го правевме со претставници од Европската комисија, како и со претставници од земји – лидери во администрацијата, изјави Томовска-Арсовска.

Се воведува законски основ за назначување генерален секретар во две државни комисии, од кои една новоформирана. Се доразработува постапката по жалби пред Агенцијата за администрација, со цел да не се одолговлекува постапката.

Во однос на планирањето на новите вработувања и извештаите за реализација на годишните планови, се утврдува само должноста на институциите да вршат планирање и да подготвуваат извештаи за реализација на плановите, а постапката за изготвување на плановите и извештаите се доразработува во Законот за вработените во јавниот сектор.

 

Заменик-министерката Томовска – Арсовска истакна дека законот е во насока на комплетна деполитизација на администрацијата.

Рафиз Алити од ДУИ рече дека не се согласува со предлогот пет отсто од административците да бидат наградени за тоа што ќе бидат највисоко оценети.  Останатите 95 отсто, според него, ќе се смета дека се казнети. Тој систем, според него, нема да ја мотивира администрацијата. Имаше забелешки и за воведувањето сертификати за англиски јазик.

Пратеникот Беким Фазлиу истакна дека за ДПА измените не се прифатливи, исто како претходно донесениот закон. Забелешки имаше за употреба на албанскиот јазик во администрацијата, а посочи и на потребата за деполитизација и правичната застапеност.

Роза Топузовска Каревска зборуваше за деполитизација на администрацијата, но и менување на менталитетот на административните работници кои, како што рече, треба да знаат дека се платени од граѓаните и дека за нив работат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.