Измените на Законот за акцизи во полза на луѓето со ретки болести

Одвојувањето од продажбата на секоја кутија цигари за лекување на лицата со ретки болести ќе им помогне на многумина коишто не можат да обезбедат лекови, кои се екстремно скапи, оцени денеска премиерот Никола Груевски, појаснувајќи ги последните промени на Законот за акцизи, пренесува МИА.

Рече дека долго се размислувало да се најде решение и начин за помош на лицата кои се соочуваат со ретки болести, проблеми за кои често слушал на трибини и на средби со граѓани.  

– Досега луѓето се снаоѓаа на различни начини. Ретките болести, нивното лекување и одржување е проблем во секоја држава  и секаде на овој или оној начин има проблеми. Долг период размислувавме како да го решиме ова прашање. На крајот одлучивме со тоа што цената на цигарите ќе се зголеми за еден денар, акцизата ќе се зголеми за еден денар и од тоа ќе се добијат огромна сума средства која во огромен дел ќе ги покрие потребите за лекови на лицата кои имаат ретки болести. Верувам дека тој еден денар нема толку многу да им значи на консументите на цигари, а тоа многу ќе им значи на заболените од ретки болести кои многу често ако не се третираат завршуваат фатално, со смрт, изјави Груевски одговарајќи на новинарски прашања во тек на посетата на Штип.

Долго време, укажа премиерот, ги слушав проблемите на овие луѓе на трибини, речеси на секоја втора трибина кога одиме низ Македонија ќе се јавеше и ќе кажеше дека е болен од некоја ретка болест и дека бара од Владата да најде решение, бидејќи не постои шанса сами да го платат лекот.

– По одредено време, анализи и размислувања се определивме за овој начин и се надевам дека тоа ќе биде за доброто на здравјето и животите на овие лица и, секако, ќе биде голема радост и за нивните семејства, рече Груевски.