Македонија

Измените на законот за хонорарите пред пратениците

Измените на законот за хонорарите пред пратениците

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 36-та седница ќе расправа за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, по скратена постапка, поднесен од пратениците. Илија Димовски, Талат Џафери, Крсто Мукоски, Александар Николоски.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која во саботата најави дека до Собранието ќе достави предлог за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, посочи дека со него се уважуваат дел од барањата на граѓаните за исплата на хонорари.

– После подолги консултации со повеќе надлежни државни институции, но и после длабока анализа на сите аспекти и забелешки на повеќе граѓани, организации и претпријатија, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ подготви предлог со кој би се одговорило позитивно на барањата, но во исто време не би се изгубила главната цел и праведност на претходните измените на Законот, соопшти во неделата пратеничката група.

Со најновите измени и дополнувања на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување се врши прецизирање и олеснување на условите за плаќање на придонеси на надоместоците остварени по основ на договор на дело, авторски договор или друг вид на договор со кој се остварува надоместок.

Се предлага лицата кои остваруваат приходи од работен однос (вработени лица) и лицата кои остваруваат приходи по основ на пензија (пензионери) да бидат ослободени од обврската за плаќање придонеси доколку остваруваат дополнителни приходи на месечно ниво по основ на договор на дело, авторски договор или друг вид на договор, помали од износот на просечната нето плата исплатена во РМ во претходната година согласно податоците на Државниот завод за статистика (околу 21.300 денари). Овие лица, според предложеното, ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг од 21.300 денари. Ова, како што се наведува во соопштението, од причина што овие лица веќе се вклучени во системот на социјално осигурување.

Доколку вработено лице или пензионер оствари дополнителен приход по еден од овие основи помал од 21.300 денари, нема да плаќа придонеси.

Според предложеното, доколку вработено лице или пензионер оствари дополнителен приход од 27.000 денари, ќе плати придонеси само за разликата до просечната плата, односно придонеси ќе плати само за сумата (разликата) од 5.700 денари.

Лицата кои не се во редовен работен однос (невработени лица), а кои остваруваат надоместоци по основ на договор за дело, авторски договор или друг вид на договор, се предлага да бидат ослободени од обврската за плаќање на придонеси до износот на минималната плата утврдена со закон (9.590 денари). Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг од 9.590 денари. Ова, како што се наведува, е со цел да се заштитат интересите на лицата кои до сега се ангажираа по некој од овие основи, но на кои не им се плаќа пензиско и здравствено осигурување.

Според тоа, доколку невработено лице оствари дополнителен приход по еден од овие основи помал од 9.590 денари, нема да плаќа придонеси. Доколку невработено лице, пак, оствари дополнителен приход по еден од овие основи од 15.000 денари, ќе плати придонеси само на сумата над минималната плата, односно придонеси ќе плати само за сумата (разликата) од 5.410 денари. И во двата случаи олеснување е што придонеси ќе се плаќаат само на износот кој го надминува прагот од 9.590 ден (за невработените лица), односно прагот од 21.300 ден (за вработените и пензионерите). Ова значи дека лицата кои не се вработени, а остваруваат приходи по основ на договор, придонеси ќе плаќаат само на разликата меѓу исплатениот нето надоместок и минималната плата.

Вработените лица и пензионерите кои остваруваат приходи по основ на договор, придонеси ќе плаќаат само на разликата меѓу исплатениот нето надоместок и просечната нето плата.

Лимитот за просечната нето плата за плаќање придонеси ќе се применува се до влезот на Република Македонија во Европската унија. По влезот во ЕУ, вработените и пензионерите ќе плаќаат придонеси на приходите остварени од дополнителна работа над износот кој го надминува прагот од минималната плата.

На дневен ред на оваа седница се и Предлог законот за изменување на Законот за работните односи, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Предлог законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, сите по скратена постапка и подесени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците треба да расправатаат и по Предлог законот за изменување на Законот за високото образование, Предлог законот за трансформација во редовен работен однос, Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, Предлог закон за Академијата за судии и јавни обвинители, и Предлог на закон за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија, сите по скратена постапка.