Македонија

Измените на Законот за основно образование го поминаа првото читање во Собранието

Измените на Законот за основно образование го поминаа првото читање во Собранието

Собранието на Република Македонија во рамките на попладневната работа по дневниот ред на 29-тата седница го поддржа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование, во прво читање, и заклучи дека е прифатлив и дека може да се даде на натамошно читање, пренесува МИА.

 Со измените, појасни министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми,  се предвидува внесување законска одредба за доделување награда на учениците кои освоиле прво, второ или трето место на реномирани меѓународни натпревари од областа на математиката и природните науки.

– Целта на предлог законот е да се мотивираат и наградат учениците во основното образование кои покажуваат резултати во областа на математиката и природните науки. Се предвидува Министерството, за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот, поединечно да им доделува парична награда во износ од 50 отсто од просечната нето плата исплатена по работник во последниот месец пред доделувањето на наградата за освоено прво место, 40 проценти за освоено второ место и 30 отсто за освоено трето место, рече Адеми.

Под меѓународен натпревар, додаде, се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави.

Собранието го поддржа и заклучи дека е прифатлив и оти треба да се даде  на натамошно читање и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за средно образование, во прво читање.

И со овие измени се предвидува Министерството, да им доделува паричен надомест на учениците и професорите кои ги подготвувале за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки. Ним им се доделува ист паричен износ како и кај основното образование со таа разлика што Министерството, во соработка со Центарот за стручно образование и обука, може да организира избор за најдобар ученик во струката од завршните години  на образованието во стручното образование.

– Се предвидува на ученикот кој е избран за најдобар ученик во струката од завршните години  на образованието во стручното образование и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот, Министерството поединечно да им доделува парична награда во износ од 50 отсто од просечната нето плата исплатена по работник во последниот месец пред доделувањето на наградата. Начинот на избор за најдобар ученик во струката од завршните години  на образованието во стручното образование го утврдува министерот, на предлог на Центарот за стручно образование и обука, рече Адеми.

Собранието со 71 глас „за“ и 8 „против“ ги поддржа измените и дополнувањата на Законот за високо образование, во прво читање, и заклучи дека се прифатливи и оти можат да се дадат на натамошно читање.

Со измените се предвидува студиски програми од трет циклус на студии да можат да организираат само универзитетите кои се меѓу првите пет рангирани универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите (факултети и уметнички академии), запишани во регистарот на високообразовни установи  во државата, утврдени во последното рангирање, а ректор и декан може да бидат и странски државјани.

– Главната измена се предвидува со воведување државен испит со кој ќе се обезбеди механизам за подигнување на квалитетот на високото образование и механизам кој ќе овозможи ниту еден студент даљ не излезе од образовниот процес без задоволително ниво на знаење. Државниот испит нема да важи за актуелните студенти и прв пат ќе се применува  од академската 2016/2017 година, а за втор циклус од академската 2017/2018 година, рече Адеми.

Државниот испит, нагласи, ќе го реализира Одборот за акредитација и евалуација на високото образование чии членови ќе ги избира основачот на државните универзитети во Македонија.

– Прашањата кои ќе се полагаат ќе бидат јавно достапни и однапред познати. Целта е да се мотивираат студентите да научат, рече Адеми.

Тој посочи дека сите забелешки во првото читање на Предлог законот внимателно ќе се анализираат и оти во законското решение ќе бидат вградени сите кои ќе го подигнат квалитетот на текстот.

Државниот испит студентот ќе го полага по завршување на втората студиска  година, но може и порано доколку студентот има положено најмалку 50 отсдто од вкупниот број на предмети предвидени за конкретната студиска програма и на крајот на завршната година на студии, пред одбрана на дипломската работа, доколку студиската програма предвидува изработка и одбрана на дипломска работа. Државниот испит ќе се полага на крајот на февруари, април, август и ноември, само еднаш во кварталот на академската година.

Студентите запишани на втор циклус на студии државниот испит го полагат на крајот на последната студиска година.

Првите две полагања на државниот испит за студенти се бесплатни. Доколку студентот не успее да го положи државниот испит двапати по ред, наредните пријавувања за полагање се на товар на студентот, и тоа за трет пат 1.000,00 денари, за четврт пат 6.000,00 денари и за секое наредно пријавување 12.000,00 денари.

Државниот испит за студенти содржи пет прашања од секој од задолжителните и изборните предмети. Прашањата се со различна тежина со четири понудени решенија, од кои едното е точен одговор.

Пратениците Лилјана Поповска од ДОМ и Павле Трајанов од ДС побараа да има подолга јавна расправа пред донесување на измените на Законот за високо образование за да се согледаат и барањата на студентите и професорите.

Независната пратеничка Солза Грчева, пак, истакна дека студентите и професорите се последица на образовниот процес, а причините за, како што рече, неквалитетното образование треба да се бараат на друго место.

Беким Фазлиу од ДПА побара да има државен испит, но, како што рече, не за студентите, туку за политичарите, министрите, градоначалниците и другите функционери.

Останатите пратеници кои говореа ги поддржаа Предлог законот и предвидените реформи во високото образование, кои, како што посочија, имаат за цел подобрување на образовниот проецес и квалитетот на студрирањето и се во интерес на студентите и државата. Рекоа дека е незамислив отпорот кон државниот испит што го манифестираат некој од универзитетските професори. Нагласија дека се за расправа и амадманска расправа која ќе помогне законоското решение да биде подобрено и порачаа политиката да ги тргне рацете од образовниот процес. Посочија многу земји кои веќе имаат државен испит и нагласија дека никој во нив не го смета тоа за упад во автономијата на универзитетите.