Македонија

Изработени Студија и Стратешки менаџмент-план за заштита на Старата чаршија во Битола

Изработени Студија и Стратешки менаџмент-план за заштита на Старата чаршија во Битола

Со Студија за ревитализација на Старата чаршија во Битола и со Стратешки менаџмент-план за заштита на ова значајно споменично јадро беше заокружен проектот „Зајакнување на културното наследство преку планирање на животната средина и менаџмент – ШЕРПЛАН”, кој со средства од ИПА-фондовите на Европската Унија, се реализираше од октомври 2011 до февруари 2014 година.

Проектот, освен изработката на Студијата чија основна цел е да ги валоризира, да ги заштити и да ги промовира вредностите на Битолската чаршија со имплементирани социо-економски, историски, биофизички и инфраструктурни аспекти и на Стратешкиот менаџмент-план за заштита на ова јадро, опфаќаше и изработка на ГИС-мапа за 50 објекти во Старата чаршија, типолошки извештај за заштита на културното наследство, организирање работилници на кои граѓаните можеа да ги истакнат своите идеи и мислења за унапредување на заштитата на споменичната целина, семинари и друго.

Овие документи, кои беа изработени од страна на еминентни експерти од областа на заштитата на културното наследство и туризмот, претставуваат основа и пишани прирачници за тоа како треба во иднина да се развива Старата битолска чаршија која, со модернизацијата, започна да го менува својот изглед, а со тоа се појави и ризикот да се изгубат типичната архитектура, занаетите, манифестациите и други културни вредности кои се дел од локалната традиција, а истовремено претставуваат и туристичка атракција.

Во проектот „ШЕРПЛАН“ беа вклучени 13 партнери од неколку земји од Европа и регионот, односно, од Италија, Австрија, Словенија, Црна Гора, Албанија, Грција и се разбира, Република Македонија, при што водечки партнер беше Автономниот Регион- Фриули Венеција Џулиа од Италија, кој имаше координативна улога и одлично искуство во менаџирање на транснационални проекти.

Проектот „ШЕРПЛАН“, во основа подразбираше изработка на посебна методологија за планирање на заштитата на културното наследство. За таа цел, во сите земји-партнери на проектот, беа избрани споменични целини кои претставуваат дел од богатото културно наследство на регионот и во нив, во изминатиот период, се реализираа различни проектни активности.

.