Израел го ослободи од затвор претседателот на палестинскиот парламент

Претседателот на палестинскиот парламент, Абдел Азиз ал Дуаик денеска беше ослободен од израелски затвор.

Ал Дуаик беше уапсен на 16 јуни 2014 година во Западниот Брег во израелска операција, во која се трагаше по тројца млади Израелци, киднапирани четири денови претходно. Телата на Израелците беа откриени на 30 јуни. Најмалку 2.000 Палестинци беа уапсени од израелските власти во Западниот брег и во Источен Ерусалим. Меѓу уапсените беа и 12 палестински пратеници од вкупно 130, меѓу кои и ал Дуаик. Израелските власти го обвинија палестинското исламистичко движење Хамас за киднапирањето и убиството на младите Израелци.

Убиството на Израелците предизвика насилства, што во летото 2014 година кулминираа со војна во Појасот Газа, која продолжи есента во Ерусалим и во Западниот Брег.

Палестинскиот Парламент нема одржано седница од 2007 година поради тензиите меѓу движењето Фатах на претседателот Махмуд Абас и Хамас, што доведе до прогон на поддржувачите на Фатах од Појасот Газа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.