Израел го затвори преминот со Појасот Газа

Израел ги затвори единствените два гранични премини со Појасот Газа кои беа во функција, соопшти денеска израелската војска, откако во петокот од палестинска територија биле истрелани ракети кон Израел, објави МИА.

– Граничните премини за луѓе и стока, Ерез и Керем Шалом, се затворени на неопределено време, освен за премин на хуманитарна помош, изјави портпарол на израелската армија.

Ракетата која е истрелана од Газа на територијата на израелската област Ешкол не предизвика човечки жртви, нити материјална штета. Тоа е прва истрелана ракета од палестинска на израелска територија од 16 септември, а втора откако официјален Тел Авив ја прекина 50-дневната офанзива врз Газа.

Договореното примирје меѓу Израел и движењето Хамас стапи во сила на 26 август, со што заврши 50-дневниот конфликт во кој загинаа 2.140 Палестинци и 73 Израелци.