Израел ќе изгради 200 нови живеалишта во Источен Ерусалим

САД повторно го критикуваа својот сојузник Израел во однос на продолжувањето на колонизацијата во Источен Ерусалим, што според Вашингтон придонесува за зголемување на тензиите со Палестинците.

Израелските власти вчера дадоа одобрение за изградба на 200 нови живеалишта во еврејскиот реон на Источен Ерусалим – палестинскиот дел на светиот град, анексиран од Израел.

– Длабоко сме растревожени од таа одлука, особено имајќи ја предвид тензичната ситуација во Ерусалим, изјави портпаролката на Стејт департментот Џејн Псаки.

Таа истакна дека „САД и други членови на меѓународната заедница се против вакви градби во Источен Ерусалим“.