Израел: Нетанјаху победи на предвремените избори

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека неговата партија „Ликуд“ е победник на вчерашните предвремени парламентарни избори во земјата, повикувајќи ги сите десничарски политичари да создадат коалициска влада без одложување, пренесе МИА.

Нетанјаху во обраќање пред симпатизерите изјави дека „Ликуд“ остварила голема победа наспроти прогнозите за тесна трка на изборите.

Сепак, според првичните резултати направени според излезноста на гласачите нема јасен победник на изборите во Израел. Избирачките места беа затворени во 22 часот по локално време, а веќе околу полноќ, стана јасно дека двете главни партии, владеачкиот „Ликуд“, на премиерот Бенјамин Нетанијаху и центролевичарската „Ционистичка Унија“, создадена од Лабуристичката партија на Јицак Херцог и партијата Хатнуа на Ципи Ливни, се во „мртва трка“ за тоа кој ќе обезбеди најмногу пратенички места во израелскиот Кнесет.

Според предвидувањата на изралските телевизиски Канал 1 и Канал 10, двата блока на десницата и на левицата, ќе имаат по 27 пратеници, додека израелскиот Канал 2, прогнозира „Ликуд“ да освои 28 пратенички места, само едно повеќе од „Ционистичката унија“ на Херцог и Ливни.

Весникот „Аариец“ објави дека коалицијата на Јицак Херцог може да добие само 24 места, пет помалку од „Ликуд“, додека трета по сила парламентарна група ќе бидат израелските арапски партии со 14 пратенички места.

Излезноста на гласачите изнесува 72 отсто и тоа е повеќе од изборите во 2013 година. Во Израел има вкупно 5,9 милиони регистрирани лица со право на глас. Според податоците на израелската Централна изборна комисија на претходните парламентарни избори во 2013 година излезноста била 66,6 проценти, во 2009 65,2 отсто, а во 2006 година само 53,2 проценти од гласачите, јави ТАСС.

Конечните резултатите од овие избори не се предвидува да бидат готови до утре претпладне, но приврзениците на „Ликуд“ почнаа да ја славата победата само два часа по затворањето на гласачките места. Нетанјаху, во првото, кусо обраќање до своите симпатизери и до домашната јавност, им се заблагодари на сите за подршката што одново му е дадена.

Јицак Херцог, кој според последните анкети, имаше мала предност во однос на Ликуд и Нетанијаху, изјави дека актуелниот премиер премногу рано ја слави победата.

– Ние постигнавме неверојатен резултат, рече Херцог, укажувајќи на поголемиот број освоени пратенички места, во споредба со резултатите во 2013 година. Тој им рече на своите гласачи дека ќе ги чека конечните резултати, порачувајќи му Нетанијаху дека „се уште се е отворено“ и дека јавноста бара промени.

Херцог нагласи дека ќе вложи максимални напори за формирање на коалициска влада. Тој објави дека веќе разговарал со потенцијални коалициски партнери и дека е решен да формира „вистинска влада на социјално помирување“. Лидерот на „Ционистичка Унија“ може да се обиде да ги привлече партиите на арапските израелци, кои располагаат со 12 или 13 пратенички места. Арапските партии никогаш досега немаат учествувано во владина коалиција.

Забележителен успех има постигнато Арапската коалициа на Ајман Одех, која со освоените 13 пратеници, би била третата по големина партија во Парламентот. Успехот на арапската листа се должи на значително поголемиот одзив на арапските гласачи во Израел.

За победа и за владеачко мнозинство се потребни, најмалку 61 пратеници во Кнесетот, кој има 120 места. Израелскиот изборен систем на пропорционална застапеност овозможува повеќе помали партии да се најдат во Парламентот и да учествуваат во преговорите за создавање на сигурна владина коалција.

Според аналитичарите во Ерусалим и во Тел Авив, прераното прославување на победата, се должи на уверувањето на Нетанијаху дека тој ќе може да обезбеди повеќе сојузници, отколку Херцог сам или заедно со Ливни.

Решението веројатно ќе биде во рацете на Моше Кахлон, лидер на новата центристичка партија, што може да ги обезбеди неопходните гласови за формирање на мнозинство. Нетанјаху ќе има потреба од неговите 10 гласа за надминување на прагот од 60 од вкупно 120 пратенички места.

Политичката платформа на Кахлон става акцент на високите трошоци за живот во Израел, особено цените на недвижниот имот и засега тој одбива да даде поддршка за една или друга страна.

Лидерот на Ликуд со својата „јастребска реторика“ и тврдата политика кон Палестинците и Иран, во текот на предизборната кампања, му помогнаа да ја добие довербата на крајнодесничасрките гласачи и да му обезбеди на Ликуд да не доживее пораз, како што тоа предвидуваа некои анкети.

Силван Шалом, висок претставник на Ликуд, по изборите изјави дека партијата ќе се обиде да создаде влада со поддршка на десничарски и ултраортодоксни групи. – Израел денеска кажа многу јасно „да“ на премиерот Нетанјаху и на Ликуд, изјави Шалом, пренесува ДПА. Шалом изрази уверување дека во следните денови ќе биде формирана силна коалиција, откако неговата оствари изборен резултат над очекуваниот.

Херцог како лидер на лабуристичката партија, го обвинуваше Нетанијаху дека откако тој е премиер, намален е животниот стандард на луѓето и е влошена социјалната слика во земјата. Тој ја осудуваше владината надворешна политика која ја одвела земјата во политичка изолација.

Нетанијаху во самиот финиш на кампањата, порача дека ако биде одново премиер, нема да дозволи формирање на Палестинска држава. Херцог и Ливни, пак,порачуваа дека го подржуваат решението за постоењето на две држави, една покрај друга (Израел и Палестина).

Според весникот „Аарец“ израалексиот претседател Реувен Ривлин, изјавил дека „само создавањето влада на нацинално единство, може да ги спречи незапирливото дезинтегрирање на израелската демократија и организирањето нови предвремени избори„ во скоро време. Можноста од нови избори е лесно остварлива, по вчерашното гласање кои ја покажаа длабоката поделба на гласачите околу виталните прашања за земјата.

Доколку победата биде потврдена, Нетанијаху (66) кој е ветеран на израелската политичка сцена, по четврти пат ќе биде израелски премиер. Прв пат тоа беше во периодот меѓу 1996 и 1999 година, а потоа на три пати од 2009 до сега. Враќањето на Нетанјаху на власт веројатно ќе значи проблеми за мировниот процес на Блискиот Исток и можно зголемување на тензиите меѓу Ерусалим и Вашингтон.