Израел отвори оган кон Газа само неколку часа по почетокот на примирјето

Израелски тенкови отвориле артилериски оган врз јужниот дел на Газа само неколку часа по почетокот на 72- часовното примирје.

Палестинските лекари соопштиле за осуммина загинати.

Лекар од блиската болница „Абу Јусеф ал-Наџар“ не изнесувајќи детали за идентитетот на загинатите, рече дека тие настрадале во бомбардирањето источно од градот Рафа, на југот од Газа, пренесоа француските медиуми.

Хуманитарниот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас почна утринава во осум часот по локално време и ќе трае 72 часа. Договорот за примирје синоќа го соопштија САД и Обединетите нации.

Неколку часа пред стапувањето во сила на примирјето 14 Палестинци, вклучувајќи една жена и две деца, загинаа во Газа, со што бројот на загинати Палестинци се зголеми на 1.450.

Од друга страна, израелската армија соопшти дека на истото подрачје загинале и петмина нејзини војници, со што бројот на загинати израелски војници достигна 61.

Во заедничкото соопштение САД и ОН  нагласија дека  добиле уверувања од сите страни во конфликтот дека се согласни на безусловен прекин на огнот во текот на кој ќе преговараат за постигнување трајно примирје, јавија американските медиуми.

Информацијата за примирјето ја објавија американскиот државен секретар Џон Кери и генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.

Во соопштението се наведува дека „силите на теренот ќе останат каде што се сега“, што значи дека израелските копнени сили нема да се повлечат од Појасот Газа.

Кери изјави дека во текот на прекинот на огнот цивилите во Газа ќе ја добијат неопходната хуманитарна помош, ќе ги погребаат мртвите, ќе ги згрижат ранетите и ќе ги надополнат залихите со храна.